
Скопје од денеска до 30 ноември ќе биде домаќин на Ромскиот театарски фестивал „GARAVDE MUJA“, културен настан посветен на афирмацијата на ромската театарска уметност, драмското творештво и културниот дијалог, со учество на уметници од Македонија, Бугарија и Косово.
Фестивалот ќе биде отворен денеска во 13 часот, во Europe House Skopje, со претставувањето на делото „АС СЕ КАЗВАХ“ од Бугарија, чиј автор е проф. д-р Хусеин Кучук, познат и како Христо Кучуков, а режијата е на Борис Зафиров.
Учеството на Христо Кучуков, кој придонесува во истражувањето и афирмацијата на ромската култура и театарското творештво, му дава меѓународна димензија на фестивалот и отвора можности за културна соработка.
Во рамки на програмата ќе се одржи и академско предавање посветено на историјата и развојот на ромскиот театар во Бугарија, организирано во соработка со Универзитетот во Катовице, Полска. Фестивалот ќе ги претстави и театарските уметници од Косово, меѓу кои Фатмир Менекше од Театарот „Неџип Менекше“ од Призрен, преку театарски изведби, монолози и драмски читања.
Во програмата е вклучено и учеството на Даниел Петровски, со авторски, режисерски и сценски придонес, преку театарски перформанс и драмско читање. Публиката ќе има можност да ја проследи и авторската работа на Санела Емин, која ќе го изведе монологот „ПАТОТ ГО ИЗОДЕВ САМА“.
Дел од фестивалската програма е и проекцијата на филмот „СКЕЈТБОРДИНГОТ НЕ Е ЗА ДЕВОЈЧИЊА“, во режија на Дина Дума. Филмот отвора прашања за родовите стереотипи, слободата на избор и можноста девојчињата да ги надминуваат општествените ограничувања.
Организатор на фестивалот е Здружението на љубители на ромска фолклорна уметност „Романо Ило“ – Скопје. Од здружението посочуваат дека целта е да се создаде простор во кој ромската култура нема да биде само тема на претставување, туку и активен чинител во современиот културен и уметнички живот.
Влезот за сите фестивалски содржини е слободен и отворен за јавноста.

Македонски



