Skip to main content

Виктор Орбан основа тинк-тенк „За татковината“

Поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан основа нов меѓународен институт за да ги собере истомислечките политички луѓе посветени на националниот суверенитет и традиционалните вредности.

Орбан ја основа меѓународната Фондација Pro Patria („За татковината“) со Балаж Орбан, со кого не е во роднинска врска, а кој му беше политички директор додека беше премиер.

Балаж Орбан во објава на мрежата „Икс“ напиша дека примарната мисија на меѓународниот истражувачки институт ќе биде зајакнување на меѓународната соработка меѓу патриотските сили.

Институтот ќе ги собере мислителите и организациите од целиот свет посветени на националниот суверенитет и традиционалните вредности, ќе се потпира на искуството на Унгарија во управувањето со државата и ќе ги поддржува младите таленти да постигнат успех на меѓународната сцена, напиша Балаж Орбан.

Тој додаде дека важна задача на институтот во првите години од работата ќе биде „организирање и обезбедување поддршка на отпорот против либералниот авторитарен режим во Унгарија“.

И покрај одлуката на унгарската влада, на барање на Брисел, да ги национализира и затвори истражувачките институти кои добија меѓународно признание во последните години, нема да бидеме замолчени, напиша Балаж Орбан.

Тој за бриселскиот портал „Политико“ изјави дека институтот ќе има „присуство“ во Брисел, но нема да отвори канцеларија.

Сакаме да ја стимулираме дискусијата за институционалните реформи на ЕУ – рече Балаж Орбан.

Тој додаде дека собирањето средства за работата на тинк-тенкот „ќе почне сега од домашни и меѓународни донатори“, но дека тие „сè уште не знаат“ дали ќе побараат средства од САД.

Како дел од својата стратегија за национална безбедност, Белата куќа стави на располагање милиони евра на конзервативните тинк-тенкови во Европа за поддршка на политичките партии што делат слични ставови, пишува „Политико“.

Додека беше на власт, Виктор Орбан изгради широка мрежа на национално-конзервативни тинк-тенкови, делумно за да ги зајакне врските со движењето МАГА на американскиот претседател Доналд Трамп.

Таа мрежа во голема мера престана да функционира откако Петер Маѓар стана премиер и го прекина финансирањето за овие организации.

Поврзани вести