Skip to main content

Рецитал на тенорот Дамјан Попоски во КИЦ

Скопје, 27 ноември 2026 (МИА) – Во организација на „Балкан опера студио“, вечер, во Салонот 19,19 при Културно-информативниот центар во Скопје, ќе се одржи рециталната „Вечер на американската соло песна на дваесеттиот век“ во изведба на тенорот Дамјан Попоски и пијанистката Јанинка Невчева.

Рециталот е подготвен во Белград под менторство на професорите Никола Мијаиловиќ и Милица Илиќ, а на програмата се циклуси и соло песни на Семјуел Барбер, Чарлс Ајвс и Ерон Копланд.

Влезот за концертот е слободен.

Дамјан Попоски дипломирал на Manhattan School of Music во Њу Јорк во класата на проф. Мињон Дан. Ги продолжил своите студии работејки со врвни имиња од оперскиот свет, како: Ширли Верет, Грациела Араја, Џована Канети, Пјер Миранда Фераро, Ниел Розеншаин… и пее на семинари водени од Питер Марк, Енза Ферари, Карло Бергонзи, Вирџиниа Зеани, Ворен Џоунс, Маурицио Арена, Џером Хаинс и Марија Кјара. Како дел од ЕПКАЗО (Езио Пинца совет за американски пејачи), Попоски ја пеел улогата на Али во концертната изведба на Росиниевата „Италијанка во Алжир“ низ Венето, Италија (Тревизо, Виторио Венето, Одерцо). Неговото оперско деби е во улогата на Бартоло („Свадбата на Фигаро“) во Ваимар, Германија. Освен во Македонија, Италија и Германија, настапува и низ САД, Канада, и Грција.

Јанинка Невчева основното музичко образование го стекнала во Кавадарци под раководство на проф. Весна Арангелова, кога ги направила првите чекори на сцената (концерти и натпревари). Образованието го продолжила во МБУЦ Илија Николовски – Луј, во класата на проф. Снежана Анастасова-Чадиковска, а потоа и во класата на проф. Борис Романов, каде ги завршува студиите во Скопје. Од 2000 до 2005 година се усовршувла во Париз и работи на етномузиколошка тема „Народната музика во Македонија“. Редовно се претставува како солист и во повеќе камерни состави на домашната сцена („Скопско лето“, „Охридско лето“, „Интерфест“-Битола,…), како и надвор од земјава (Италија, Франција, Германија,…). Од 2006 година е музички соработник-корепетитор во Македонска опера и балет, редовно соработувајќи со домашни и светски диригенти и оперски режисери. Невчева е носител на наградата „Климентина Рафајловска“ (1995 год.).

Поврзани вести