
Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на денешната седница донесе одлука да отпише долг на компанијата „Кожувчанка“, а парите да бидат вложени во младинскиот фудбал. Исто така, на седницата беше усвоена и Стратегијата „Време за фудбал“ за периодот 2027-2031 година, која треба да постави јасна рамка за развојот на македонскиот фудбал.
ФФМ информира дека бил усвоен предлогот за отпис на долгот на компанијата и даде објаснување.
„Управниот одбор на ФФМ го усвои предлогот за отпис на долгот на компанијата Кожувчанка во вкупен износ од 1.261.272 денари кон Фудбалската федерација на Македонија. Одлуката е донесена со цел да не се предизвика дополнително финансиско оптоварување на компанијата Кожувчанка од Кавадарци и нејзиниот сопственик, при што беше изразено очекување дека средствата ќе бидат насочени кон поддршка и развој на младинските категории на ФК Тиквеш, Кавадарци. На овој начин, се остава простор за продолжување на поддршката на младите фудбалери и вложување во нивните услови за развој и напредок“, се вели во соопштението на ФФМ.
ФФМ, исто така, соопшти дека Стратегијата претставува сеопфатен документ, подготвен врз основа на анализа на актуелната состојба, консултации со клучните чинители во фудбалската заедница и насоките за развој на фудбалот на УЕФА и ФИФА.
„Таа ги утврдува визијата, мисијата, стратешките цели и конкретните активности за унапредување на сите сегменти на фудбалот во Македонија.
Развојната рамка се темели на четири столба: грасрут фудбал, елитен фудбал, женски фудбал и општествено-економска одржливост. Нивната реализација е поддржана од три клучни предуслови: инфраструктура, комерцијални активности и маркетинг, како и организациски развој.
Со усвојувањето на Стратегијата „Време за фудбал“ 2027-2031, ФФМ поставува основа за координирано планирање, спроведување и следење на развојните процеси, со фокус на зајакнување на институционалните капацитети, создавање подобри услови за работа и остварување одржливи и долгорочни резултати во македонскиот фудбал“, велат од ФФМ.

Македонски




