Skip to main content

Раде Силјан: Државата не смее книжевниот труд да го третира како хоби

Писателот и издавач за достоинството на авторскиот труд, македонскиот јазик и заминувањето на младите

Државата има обврска да се грижи за социјалната и професионалната сигурност на писателите и за достоинството на нивниот труд, порачува писателот и издавач Раде Силјан во интервју за МИА. Тој бара достоен надомест за авторите и поддршка за времето потребно за создавање.

„Државата не смее книжевниот труд да го третира како хоби или како дополнителна дејност, препуштена на личното снаоѓање. Кога се повикува на книжевноста како на национална вредност, таа презема и обврска кон луѓето што ја создаваат“, нагласува тој.

Од издавачите очекува чесни договори и почитување на договореното. За авторот нагласува: „Кога од него бараме професионална работа, љубовта кон пишувањето не може да биде замена за надоместот“. Притоа, предупредува дека поддршката не смее да ја условува слободата на творештвото: „Благодарноста не би смеела да му ја одредува содржината на книгата“.

Друштвото на писателите на Македонија, според Силјан, треба постојано да ги застапува авторите пред институциите, да се отвори кон младите и да ги приближи книгите до училиштата и библиотеките. Неговата независност мора да се зачува и кога власта му е благонаклонета.

„Друштвото не смее да се сведе на церемонијална организација. Чествувањето на едно дело добива полна смисла кога се бориме и за условите во кои ќе настане следното“, порачува Силјан.

Одбраната на македонскиот јазик и идентитетот ја поврзува со правдата во државата и со можноста човек достоинствено да живее во својата земја.

„Од државата очекувате да можете да ѝ се обратите без страв и без некој да ве препорача. Кога пред една врата вашето знаење и вашата мака тежат помалку од туѓото познанство, се нарушува и чувството дека припаѓате. Државата се брани и со правдата во неа“, вели Силјан.

Особено го загрижува заминувањето на младите. Наместо од нив да се бара оправдување, смета дека треба да се одговори што е направено за да имаат причина да останат.

„Лесно е да му кажете да остане, а потешко е да му одговорите што сте направиле за неговото останување да има смисла“, истакнува тој. Последиците ги гледа и во секојдневниот живот на јазикот: „Јазикот може да биде сочуван во книгите, а да станува сè поредок во секојдневниот живот“.

Европската иднина ја поврзува со достоинствен живот во Македонија и со зачувување на јазикот и паметењето. „Не можам да прифатам дека приближувањето кон други народи бара да станеме помалку свои“, порачува Силјан. Нагласува дека додека траат политичките спорови, на човекот денес му се потребни праведна постапка и можност да работи.

Повод за разговорот е „Поетски облици на времето“, новата книга на Силјан во издание на „Матица македонска“, објавена четири децении по „Пронајден облик“, неговата прва книга со критики и есеи. Во шест целини, книгата ги поврзува огледите за триесет поети со разгледувања на постарото книжевно наследство.

„И најголемото име може да остане само име ако престанеме да го читаме неговото дело“, вели Силјан, кој предупредува дека грижата за книгата продолжува и по нејзината промоција, со достапноста во библиотеките и со сериозното критичко читање.

Во годината во која „Матица македонска“ одбележува 35 години од основањето, својот издавачки ангажман го врзува со иднината на македонската книга и со можноста следните генерации да продолжат од веќе создаденото.

„Сакав македонската книга да има каде да се роди и од каде да тргне кон читателот. Денес, најмногу ме интересира дали тој пат ќе остане отворен и за оние што доаѓаат по нас“, истакнува Силјан.

Поврзани вести