Skip to main content

Иран соопшти дека уште два танкера налетале на мини во Ормуската Теснина

Иран денеска информира за нови експлозии во кои биле вклучени нафтени танкери во Ормуската Теснина, наведувајќи дека два брода во раните утрински часови налетале на поморски мини во близина на Оман, јави ДПА.

Иранската Револуционерна гарда соопшти дека еден од бродовите, наводно, бил супертанкер што превезувал повеќе од два милиона барели сурова нафта.

Овие тврдења не можеа веднаш независно да се потврдат, пренесе германската агенција.

Иако Иран речиси секојдневно известува за инциденти со поморски мини во Ормуската Теснина, аналитичарите сугерираат дека некои од експлозиите можеби биле предизвикани од ирански беспилотни летала или крстосувачки ракети.

Во анализата објавена овој месец од страна на „Проектот за критички закани“ (Critical Threats Project), предводен од Институтот за проучување на војната и Институтот „Американ ентерпрајз“ (American Enterprise Institute) со седиште во Вашингтон, се поставува прашањето дали Иран воопшто успеал да постави мини во одредени делови од мореузот.

Ормуската Теснина, која го поврзува Заливот со Индискиот Океан, стана жариште во војната што САД и Израел ја започнаа против Иран на 28 февруари, потсетува ДПА.

Иран одговори на почетните напади со закани и акции што практично го блокираа поморскиот сообраќај низ теснината – клучната рута за глобалното снабдување со нафта и гас.

Интензивните воздушни напади во голема мера стивнаа, но конфликтот сè уште тлее, бидејќи Иран се обидува да воспостави воена контрола врз овој воден пат. Иранската морнарица ги предупредува бродските компании да не користат „неовластени“ рути и да не ги исклучуваат своите системи за следење.

Меѓутоа, американската војска веќе со месеци ги придружува трговските бродови низ теснината, помагајќи да се намали притисокот врз енергетските извозници од Блискиот Исток, кои исто така пронајдоа алтернативни правци за дел од своите пратки, потсетува ДПА.

Американската војска, исто така, ги блокираше иранските пристаништа во обид да изврши економски притисок врз Техеран, додека преговорите меѓу двете страни за ставање крај на војната сè уште не доведоа до значителен напредок.

Поврзани вести