Skip to main content

Собранието се приклучува на глобалната кампања против насилството врз жените

Денеска се одбележува Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, со кој се потсетува на потребата од континуирани заложби, институционална одговорност и заедничко дејствување за спречување на сите форми на насилство. На овој ден почнува и глобалната кампања „16 дена активизам“, чија цел е подигање на јавната свест, поттикнување на општествената одговорност и испраќање јасна порака дека насилството не смее да се премолчува или оправдува.

Како највисок претставнички и законодавен дом, Собранието се приклучува кон кампањата, потврдувајќи ја својата посветеност на промовирањето на еднаквоста, заштитата на човековите права и создавањето општество во кое секоја жена и девојка ќе може да живее без страв, насилство и дискриминација.

Како што информираат од собраниската прес-служба, во пресрет на почетокот на кампањата, пратениците оставиле свои пораки на симболичен банер во Собранието, приклучувајќи се кон повикот за прекинување на молкот, подигање на свеста и заедничко дејствување во борбата против насилството врз жените.

-Со своите пораки, тие испратија јасна порака дека спречувањето на насилството е заедничка одговорност и дека секој поединец, институција и заедница има важна улога во создавањето безбедна средина, во која жртвите ќе добијат поддршка, а насилството ќе биде препознаено, пријавено и соодветно санкционирано – велат од Собранието.

Како што најавуваат оттаму, Собранието и во наредните 16 дена ќе продолжи да испраќа пораки за подигање на свеста, охрабрување на пријавувањето и поттикнување на заедничка одговорност во борбата против насилството врз жените

Поврзани вести