
Селекторот на македонската кошаркарска репрезентација Жозеп Марија Берокал е оптимист во пресрет на натпреварот со Кипар, втор во втората рунда од претквалификациите за пласман на Европското првенство во 2029 година.
По победите над Австрија на стартот од овој циклус, двете селекции влегуваат во меѓусебниот дуел со дополнителен мотив, свесни за значењето на бодовите во трката за пласман во следната фаза.
Шпанскиот стратег нагласува дека секоја победа ја приближува македонската репрезентација до поставената цел, но предупредува дека Кипар е квалитетен противник кој заслужува максимален респект.
– Ништо не е готово во оваа фаза од претквалификациите. Секоја победа секако нè носи поблиску до целта, па затоа сме фокусирани на тренинзите и подготовките за следниот меч. Го анализираме тимот, опциите што ги имаме, работиме на деталите, а истовремено ги следиме и играчите кои имаат ситни повреди. Кога ќе се комплетира ростерот со Димитријевиќ и Мозес, ќе биде подобро за подготовка и ќе можеме сите да работиме заедно. Мора да бидеме паметни, секој да даде сè од себе на теренот, затоа што овој меч со Кипар ни е многу важен. Тоа е шанса да бидеме поблиску до целта, а тоа е пласман во следната рунда. Мора да одиграме сериозен натпревар“, истакна Берокал.
Натпреварот со Кипар е закажан за утре (26 ноември), со почеток во 18 часот, во спортската сала „Лазар Лечиќ“ во Скопје

Македонски




