
Ракометарите на Еурофарм Пелистер утревечер пред своите гледачи во Битола го пречекуваат лидерот во групата Ф, Гдањск, во обид да дојдат до втората победа и да останат во игра за пласман во следната фаза во Лига Европа.
Десниот бек на Еурофарм Пелистер, Анжеј Видомски истакна денеска дека поразот минатата недела во домашното првенство од Алкалоид минато и фокусот сега е максимално насочен кон полскиот противник, кој со шест бодови води на табелата по четири одиграни кола.
Мислам дека го заборавивме Алкалоид и треба да се фокусираме на овој натпревар. Го анализираме овој последен натпревар, ги издвоивме работите што ги направивме лошо и што ги направивме добро. Не можеме да размислуваме за тоа што се случило, сега треба да се фокусираме само на овој натпревар. Последниот меч беше тежок, уморни сме, но треба добро да се подготвиме и да го дадеме најдоброто од себе“, изјави Видомски за клупскиот сајт.
Видомски очекува тежок натпревар, но и максимална поддршка од навивачите во салата „Боро Чурлевски“.
Гдањск има многу добри млади и искусни играчи. Сакаат да го играат тој шпански стил, па во одбрана прават пресинг од број два до број пет. Во напад играат до крај со полна сила. Мислам дека тоа е нивното најдобро оружје. Играме тежок натпревар, но тоа е добро за нас. Тежок натпревар го гради нашиот менталитет. Сакаме да играме под притисок, а и играме дома. Па, ако нашите навивачи ни помогнат, а сигурно ќе ни помогнат, ова може да биде навистина, навистина добар натпревар за нас“, наведе Видомски.
Еурофарм Пелистер е третопласиран на табелата со два бода, освоени во минатото коло со триумфот во Битола над германски Гумерсбах.

Македонски




