Skip to main content

На младите кои протестираа сакам да им кажам во мене да гледате соговорник и соработник во борбата против насилството, им порача Мицкоски

Никогаш не си дозволувам да престанам да слушам, дури и оние кои мислат различно, па некогаш и погрешно. За да се разбереме, мора прво да се чуеме. Не си дозволувам некој глас да биде стишен, напротив за секој има место под ова наше парче небо, рече на денешната 35. годишна конференција на Унијата на млади сили претседателот на партијата и премиер Христијан Мицкоски, додавајќи дека внимателно го следел последниот протест на младите организиран против насилството врз жените пред владата.

Ја разбирам и прифаќам нивната бунтовност, нивните ставови и пораки. Морам да кажам дека навистина сум шокиран од низата случаи на насилство врз жените кои секако мора да бидат проследени со институционален одговор. И тоа не само од МВР, туку и од оние превентивни механизми кои не смеат да дозволат да стигнат работите до тој степен, но и со соодветен одговор и од обвинителските и судските инстанци. На тие млади кои протестираа сакам да кажам дека во мене можете да гледате соговорник и соработник во борбата да се спротивставиме на насилството за кое мораме да бидеме реални и објективно да кажеме дека не почна пред две години или започна со оваа влада, и дека најмалку во тие случаи треба да има политика или партиска припадност, па колку и да сакаат одредени кругови од опозицијата да најдат свој интерес за политиканство и игра со човечки судбини и на овие теми, порача тој.

Како општество, додаде тој, мораме да погледаме и подлабоко на проблемите и да кажеме дека таквите случаи на декаденција се случуваат со децении и се последица на разорениот систем, губењето на моралот, губењето на принципите и семејните вредности, но и поради ниското ниво на општествена па и политичка култура.

Што ќе си помисли млад човек кога ќе го види политичкиот спектар исполнет со повици за линчови, со сеење на омраза, лепење етикети, секојдневно блуење невистини, фрлање на кал. Каков пример се дава кога се сака да се вметне недоверба, и кога сето тоа се прави од личности кои се компромитирани, девалвирани со афери, неми послушници на нивните газди кои преку нив самите делуваат не затоа што ја сакаат татковината, туку затоа така се бранат себе си и своите милиони. Ние мораме да започнеме општествена дебата за овие длабоки теми, а младите кои сакаат да се вклучат, добредојдени се и во дебатата за предлог-законски измени за поефикасна заштита од семејно насилство. Вистинските решенија се носат на маса низ дијалог, дециден е Мицкоски.

Поврзани вести