
Во тек е истрагата околу убиството на 38-годишниот Ш.Е. од скопското село Љубин кој вчера рано наутро бил пронајден мртов со прострелна рана на ногата на скопската обиколница „Мајка Тереза“ во близина на селото Смилковци.
Истражителите за „Телма“ откриваат дека се проверуваат камерите од „Безбеден град“ кои ги има на повеќе клучки долж скопската обиколница за да се утврди движење на сомнителни возила, а се проверуваат и други безбедносни камери.
Случајот во СВР Скопје бил пријавен на 21 ноември 2026 година во 06:15 часот. Телото било лоцирано кај клучката и излезот за Смилковци, на десетина метри од Смилковското Езеро.
Во непосредна близина на жртвата бил паркиран автомобил „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки кој тој претходно го управувал. На местото не било пронајдено огнено оружје, но внатре во возилото бил откриен мобилниот телефон на починатиот, кој е даден на вештачење.
Екипа на Итната медицинска помош констатирала смрт и забележала прострелна повреда во пределот на ногата. Според првичните сомнежи на истражителите, мажот починал како последица од обилно крварење, а телото по наредба на јавен обвинител е предадено на обдукција во Институтот за судска медицина.
Порталите на албански јазик како ТВ Шења и ИНА пренесуваат дека станува збор за Един Ш. од скопското село Љубин.

Македонски




