
Националната установа Музеј на Албанската азбука, денес со повеќе програмски активности го одбележува 22 ноември, денот кога во 1908 година во Битола, учесниците на историскиот Битолски Конгрес едногласно ја прифатија одлуката на Комисија за азбуката која утврди унифицирана Албанска азбука.
На Битолскиот Конгрес во 1908 година учествувале 32 делегати од Битолскиот, Скадарскиот, Јанинскиот и Косовскиот вилает, како и поединци интелектуалци од Софија, Букурешт, Констанца, од Скопје, Ресен, Охрид, Дебар, Корча, Елбасан и други градови, кои на крајот од Конгресот утврдија решение за унифицирање на азбуката на албанскиот јазик.
Одбележувањето на Денот на Албанската азбука се одвива неколку денови со пригодни манифестации, поетски читања, изложба, научна конференција и присуство на бројни посетители од државата и странство кои ги погледнаа постојаната изложбена поставка во Музејот со 51 фотографии на кои се претставени личностите кои придонесле за развојот на албанската азбука, потоа восочните фигури на членовите на комисијата, фотографии на личности учесници на Битолскиот конгрес и 58 документи меѓу кои автентична копија од Одлуката за прогласување на азбуката на албанскиот јазик, потпишана од учесниците на конгресот, изјави за МИА, Нуер Арслани, директор на НУ Музеј на Албанската азбука Битола.
Во текот на денот, во Битола ќе престојуваат високи делегации од државата и странство кои ќе го посетат Музејот на Албанската азбука и воедно ќе го прослават 22 ноември, денот кој од 2007 година во земјава се слави како државен празник и е неработен ден за граѓаните на албанската заедница.

Македонски




