Skip to main content

Клековски: Ако сѐ биде во ред, есента 2027 ќе продолжиме со изградбата на клиничката болница – Штип

Фото: Министерство за здравство

Доколку преговорите со меѓународните финансиски институции и потребните процедури се одвиваат според планираното, изградбата на клиничката болница во Штип би продолжила во есента 2027 година, најави министерот за здравство Сашо Клековски при денешната посета на Општина Делчево.

– Ние сме во преговори со Светска банка и со Европска инвестициска банка. Според распоредот на работите, јануари – февруари треба да се одвиваат преговорите на ниво на министри на финансии, односно министерката за финансии да преговара. Дваесет и седми март е предвидено Управниот одбор на Светска банка да донесе одлука за кредитот за потоа да влезе во владина процедура, собраниска процедура и ако сѐ биде во ред, есента 2027 година да продолжиме со изградбата на клиничката болница – Штип – одговори министерот на новинарско прашање.

Клековски рече дека инвестицијата таму не предвидува само зграда, туку целосна модернизација.

– Кога инвестираме во клиничката болница – Штип, разговараме како да се реорганизира целото здравство во југоисток и во исток. Бидејќи клиничката болница – Штип ќе треба да пружи здравствени услуги за југоисток и исток, Источниот Регион. Во основа тоа значи утврдување на патеките на движење – која здравствена услуга каде ќе биде дадена, како ќе се движат граѓаните, пациентите и секако, дали ќе има персонал за тоа. Во инвестицијата во Штип не е предвидено само зграда. Предвидено е комплетна модернизација со вклучување на сите патеки од југоисток и исток – потенцираше министерот.

На новинарско прашање за најавениот закон за пушење, министерот информираше дека законското решение е во собраниска процедура, во фаза на второ читање.

– Јас сум во комуникација со коалициските партнери, бидејќи има амандмани во тој дел. Мислам дека треба да биде ставен во распоред и најбрзо што може да е донесен. Нема отворени некои значајни прашања таму – одговори министерот.

Поврзани вести