
Во Македонскиот културно-информативен центар во Софија, се одржа промоцијата на романот „Одбројување“ од истакнатата македонска писателка Фросина Пармаковска, во издание на „Персеј“, а во превод на Маријан Петров.
Настанот претставуваше уште една значајна можност за афирмација на современата македонска книжевност надвор од националните граници и нејзино доближување до бугарската, но и до пошироката европска читателска публика.
Промоцијата ја отвори амбасадорот на Република Македонија во Република Бугарија, Неговата Екселенција Крум Ефремов, кој со своето присуство го потврди значењето на културните настани како важен сегмент во развивањето на културната комуникација и соработката.
На промоцијата присуствуваа и учествуваа авторката Фросина Пармаковска, издавачот и литературен критичар Пламен Тотев и преведувачот Маријан Петров.
Преку нивните излагања и разговорот за романот, присутните имаа можност одблизу да се запознаат со неговата тематска структура, книжевна вредност и специфичниот раскажувачки пристап на авторката.
Директорот на Македонскиот културно-информативен центар во Софија, проф. д-р Зоран Пејковски, ја истакна важноста на ваквите книжевни средби во рамките на културната мисија на институцијата, нагласувајќи дека македонската книжевност треба да биде присутна на меѓународната културна сцена и да добива сè поголем простор за комуникација со читателите надвор од земјата.
Во таа насока, промоцијата на бугарското издание на „Одбројување“ претставува значаен придонес кон афирмацијата на македонското книжевно творештво и кон создавањето нови можности за негово пошироко европско претставување. Преводот на едно книжевно дело не е само пренесување на зборовите од еден на друг јазик, туку и отворање на нови културни хоризонти и воспоставување врски меѓу различни читателски средини.
Романот „Одбројување“ е интимно, длабоко и исклучително современо книжевно дело кое се занимава со чувствителни и актуелни теми, пред сè со семејното и психолошкото насилство, борбата за лична слобода, достоинството, љубовта и храброста да се започне нов живот. Преку исповедниот глас на главната хероина, Фросина Пармаковска создава силна психолошка приказна која го отвора прашањето за положбата на жената, за личните избори и за можноста за ослободување од насилството и контролата.
Книжевната вредност на романот е потврдена и со престижната награда „Роман на годината“, со што „Одбројување“ се вбројува меѓу значајните остварувања на современата македонска проза.
Бугарските читатели веќе имаа можност да се запознаат со творештвото на Фросина Пармаковска преку романот „Вишнова хроника“, а со објавувањето на „Одбројување“ се продолжува присуството на нејзината книжевност во бугарскиот културен простор.
Преку ваквите настани, Македонскиот културно-информативен центар во Софија продолжува да ја реализира својата мисија за промоција и афирмација на македонската култура, книжевност и уметност, како и за поттикнување на културниот дијалог, меѓусебното запознавање и соработката. Истовремено, се создаваат услови македонските автори и нивните дела да добијат поширока меѓународна видливост и да станат дел од европскиот книжевен и културен простор.
Вечерта посветена на романот „Одбројување“ уште еднаш ја потврди моќта на книжевноста да ги надминува границите и да ги поврзува културите преку универзалните човечки приказни и вредности.

Македонски




