
Научници открија докази за постоење прастари планински венци, споредливи по големината со Хималаите, коишто се наоѓаат под ледената покривка на Антарктикот. Ова го пренесе агенцијата „Шјинхуа“, повикувајќи се на „Научното списание за Земјата и планетите“ (Earth and Planetary Science Letters).
Истражувањето го спровеле научници од Австралискиот национален универзитет (АНУ) и германскиот Истражувачки центар за геонауки (ГФЗ). Откритието фрла ново светло врз геолошката историја на континентот и можната врска меѓу создавањето и обликувањето на планините и еволуцијата на животот на Земјата.
Според соопштението од АНУ, овие планини настанале пред 650 до 450 милиони години, за време на формирањето на суперконтинентот Гондвана. Планинските венци се создале по судирот на копнените маси што денес ги сочинуваат Антарктикот, Индија и Африка. Истражувачите проценуваат дека овие настани се меѓу најобемните епизоди на создавање планини во геолошката историја на континентот.
За да ја реконструираат оваа праисторија на Антарктикот, научниците анализирале 1.712 ситни зрна од минералот циркон, пронајдени во седиментите долж континенталниот праг. Овие минерали чуваат информации за староста и хемискиот состав на карпите од кои потекнуваат, овозможувајќи да се следат геолошките процеси што се случиле пред стотици милиони години, пренесе БТА.
Ијан Кембел од АНУ, кој е еден од авторите, истакнува дека времето кога настанале овие прастари планини се совпаѓа со значајни настани во еволуцијата на животот. Пред приближно 539 милиони години се појавиле првите организми со цврсти скелетни структури, а 10 до 30 милиони години подоцна се случила таканаречената „камбриска експлозија“ – период одбележан со брз пораст на разновидноста и бројноста на животинскиот свет.
Според научниците, ерозијата на огромните планински венци на Гондвана можеби помогнала во создавањето поволни услови за развој на животот. Распаѓањето на карпите довело до пренос на хранливи материи во океаните, додека истовремено, геохемиските процеси можеби придонеле за намалување на нивото на јаглерод-диоксид во атмосферата и зголемување на количината кислород. Овие промени веројатно создале поповолна средина за морските организми и го овозможиле последователното забрзување на еволуцијата.

Македонски




