
Овие нежни кокосови стапчиња се вистинско уживање за љубителите на кокос и чоколадо. Со крцкава подлога од какао-бисквити, кремаст фил со маскарпоне и кокос и богата чоколадна глазура, добивате вкусен десерт кој се подготвува без печење.
Потребни состојки за подлогата:
- 200 г какао-бисквити
- 110 г растопен путер
За кремот:
- 2 кесички шлаг-пена во прав
- 250 г маскарпоне
- 400 мл кокосово млеко (со најмалку 70% кокос)
- 50 г кокосово брашно
За чоколадната глазура:
- 150 г темно чоколадо
- 100 мл слатка павлака
- 2 лажици кокосово брашно за декорација
Подготовка:
Какао-бисквитите сомелете ги, додајте го растопениот путер и измешајте додека смесата не се изедначи. Распоредете ја во правоаголен калап обложен со хартија за печење и добро притиснете за да добиете компактна подлога. Кокосовото млеко измешајте го со жица за матење. Во него додајте ја шлаг-пената во прав и матете според упатството на производителот, додека добиете цврст крем.
Додајте го маскарпонето и кокосовото брашно, па кратко измешајте со миксер. Кремот распоредете го врз подлогата од бисквити, израмнете и ставете го калапот во фрижидер околу 30 минути.
За глазурата, ситно исечкајте го чоколадото. Слатката павлака загрејте ја до пред зовривање, прелијте ја врз чоколадото и мешајте додека целосно се растопи и добиете мазна глазура. Прелијте ја глазурата врз изладениот крем и вратете го десертот во фрижидер уште 2–3 часа, за убаво да се стегне. Потоа извадете го од калапот и исечете го на еднакви стапчиња. Декорирајте со кокосово брашно.
Совет:
Ако кокосовото млеко е многу густо, кратко загрејте го за полесно да се измеша, а потоа целосно изладете го пред употреба.

Македонски




