Skip to main content

Институтот за историја при Филозофскиот факултет одбележува 80 години постоење

Министерство за образовани и наука

Со организација на меѓународна научна конференција „Од национални приказни до испреплетени истории“, Институтот за историја при Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје го одбележува своето осум децениско постоење.

На конференцијата се обрати министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска која упати честитки до раководството и вработените, посочувајќи дека низ установата поминале многу генерации професори, истражувачи и студенти кои оставиле траен белег во нашата академска и општествена заедница. Како што рече, нивниот труд е придонес кон проучувањето, документирањето и афирмирањето на историското наследство, но и кон неговото пренесување на новите генерации.

Денес, во време на брз проток на информации, различни толкувања на историските настани и сè почести обиди за релативизирање на историските факти, улогата на историчарите е особено значајна. Одговорноста на научната заедница е преку аргументирани истражувања, научна објективност и критички пристап да ги утврдува и афирмира историските вистини. Само така можеме да изградиме општество кое ја познава сопствената историја, ги почитува фактите и знае да учи од минатото“, рече Јаневска.

Изрази уверување дека Министерството за образование и наука останува посветено на унапредување на високото образование и научноистражувачката дејност, на создавање подобри услови за работа на академската заедница и на поттикнување на младите истражувачи.

Институтот за историја ќе ја има секогаш нашата поддршка и верувам дека во наредните децении ќе продолжи да биде значаен центар на знаење, научна мисла и образување квалитетни кадри, со нови истражувања и достигнувања кои ќе ја збогатуваат македонската историографија и ќе ја афирмираат во меѓународни рамки“, додаде министерката.

Поврзани вести