Skip to main content

„Кокошка“ во режија на Теодора Силјаноска вечерва на МОТ

Една од најзабележителните македонски театарски продукции во изминатиот период, претставата „Кокошка“ во режија на Теодора Силјаноска, вечерва, 19 ноември, гостува на 51. издание на Млад отворен театар – МОТ.

Со три значајни меѓународни признанија, меѓу кои наградата за најдобра претстава на Интернационалниот театарски фестивал во Приштина и специјалната награда „Метална комета“ на престижниот фестивал „Kolyada Plays“ во Русија, „Кокошка“ се издвојува како едно од успешните остварувања на современата македонска театарска сцена.

Дополнително признание за продукцијата е наградата за најдобра актерка, која Биљана Драгиќевиќ-Пројковска ја освои за својата улога во претставата.Заснована на текстот на рускиот драматург Николај Кољада, „Кокошка“ отвора прашања за копнежот по слобода, љубов и остварување на соништата во свет кој станува сè постуден, порамнодушен и сè помалку подготвен за промена.

Низ апсурд, импровизација и баналност, ликовите се обидуваат да го совладаат сопствениот внатрешен хаос и да се справат со извитоперените вредности на општеството што ги опкружува. На сцената се судираат стравот и желбата за промена, рамнодушноста и немирот, затвореноста и потребата за слобода.

Во претставата играат Билјана Драгичевиќ-Пројковска, Ане Блажовски, Ванеса Тримчевска, Томе Станковски и Кристина Гиева. Костимографијата е на Марија Папучевска, соработник за сценски движења е Дарко Велиќ, а изборот на сценографија и музика е на Теодора Силјаноска. Претставата е во продукција на Театар Комедија и независната театарска продукција Вортекс.

Билетите се достапни преку системот за билети на Театар Комедија на веб страната online.teatarkomedija.mk како и физички на билетарницата на институцијата.

Поврзани вести