
Судиите на Уставниот суд на Полска го лишија од имунитет Богдан Свенчковски, кого претходно го сменија од должноста претседател на тој суд, со што е овозможено негово кривично гонење, се наведува во соопштението на судот.
Општото собрание на судии на Уставниот суд на Полска вчера го разгледуваше барањето за укинување на имунитетот и давање согласност за апсење на претседателот на судот Богдан Свенчковски. Свенчковски утрото дојде до зградата на судот и се обиде да влезе, но портите беа затворени, а ги обезбедуваа полицајци.
„Општото собрание на судии даде согласност за кривично гонење на судијата Богдан Свенчковски поради дела поврзани со злоупотреби за време на извршувањето на функцијата прв заменик на генералниот обвинител“, се наведува во соопштението.
Истовремено, собранието одлучи Свенчковски да го отстрани од должноста, а неговата плата да ја намали за 50 отсто. Меѓутоа, не даде согласност, на барањето на генералниот обвинител, за негово приведување и апсење.
Собранието исто така даде согласност за кривично гонење на заменик-претседателот на Уставниот суд Бартоломеј Сохањски поради дела поврзани со неизвршување на службените обврски односно спречување на правилно избраните судии на Уставниот суд да ги преземат должностите, како и поради постојано кршење на работното законодавство. Сохањски исто така е отстранет од функцијата, а платата му е намалена за 25 отсто.
Претходно, генералниот обвинител на Полска поднесе до Уставниот суд барање за укинување на имунитетот на Свенчковски и на неговиот заменик Бартоломеј Сохањски, како и за давање согласност за нивно апсење.
Обвиненијата против претседателот на Уставниот суд се однесуваат на случаи на употреба на шпионскиот софтвер „Пегасус“ и „Хермес“, пречекорување на овластувањата, како и попречување на работата на други судии и кршење на нивните работни права.
Истражителите Сохањски исто така го товарат за создавање пречки за судиите во извршувањето на службените должности.
Политичката криза околу Уставниот суд, кон крајот на октомври, доведе до заострување на судирот меѓу кабинетот на полскиот премиер и претседателската палата.
Кризата во Уставниот суд, чии поединечни членови беа именувани за време на претходната влада, дополнително се продлабочи откога сегашните власти, предводени од премиерот Доналд Туск, се обидоа да ги отстранат Свенчковски и Сохањски од нивните функции.
Демонстрантите на 30 октомври ја опколија зградата на судот, а беа забележани и поединечни обиди за пробивање на бариерите. Лидерот на опозицијата Јарослав Качињски го нарече тоа уште една фаза, како што оцени, на прогресивен државен удар.(МИА)

Македонски



