
– Магдалена Јованова, ќерка на првообвинетиот Дејан Јованов, на денешното судско рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ сведочеше дека во објектот имало противпожарни апарати, знаци за излез и панични светла, но и дека на претходни настани се употребувале пиротехнички средства со кои раководело лице чиј идентитет не го знае.
Јованова истакна дека одговорен за работењето на клубот бил татко ѝ, а таа била само посетителка и никогаш не се мешала во неговата работа, како и дека не била присутна критичната вечер.
Одговарајќи на прашања на адвокатката Ивана Коцевска од одбраната на првообвинетиот, Јованова, која е во семејни релации со обвинетите Дејан Јованов – татко, Михајло Јованов – брат и Тодор Јованов – чичко, детално го опиша внатрешниот изглед на објектот.

Наведе дека во дискотеката почнала да оди во 2018 година, а во 2024 година биле отстранети терасите, односно галериите, и било додадено осветление.
Според нејзиното сведочење, противпожарни апарати имало кај главната врата, кај бината и кај шанковите, како и тоа дека објектот поседувал панични светла, кои, како што рече, при еден прекин на електрична енергија се вклучиле.
– Панични светла имаше и на задната врата, на вратата за излез, како и на вратата кај билетарницата – рече Јованова.
Посочи дека претходно присуствувала на настани во објектот, како родендени и отворања, на кои биле употребувани пиротехнички средства.
– Забележав човек што раководеше со нив. Секогаш од десната страна на бината имаше поставено нешто како кутија, а надвор, пред вратата, сум видела комбе со натпис „Пиротехника“ – рече Јованова.
Додаде дека не го знае името на лицето, туку само дека станува збор за средно висок, полничок и малку ќелав човек.
На прашање на одбраната дали при нејзините посети затекнувала полициски службеници, Јованова одговори потврдно. – Да, често доаѓаше полиција. Бараа лични карти, стоеја на вратите и не дозволуваа никој да влегува или да излегува – сведочеше Јованова.
Во вкрстеното испрашување од страна на Јавното обвинителство, Јованова истакна дека задната врата за излегување и пушење цигари ја користеле сите гости, а не само таа, и дека таму никогаш не видела обезбедување. На прашањата за нејзината возраст при посетите и за нејзината евентуална инволвираност во работењето на клубот, таа демантира каква било работна улога.
– Не сум била во диско пред да наполнам 18 години, по полноќ. Немам такви фотографии. Но, пред полноќ сум била. Никогаш не сум се мешала во работата на татко ми – нагласи Јованова.
Судот не ги дозволи прашањата на Обвинителството во врска со тоа кој ги водел профилите на „Пулс“ на социјалните мрежи, дали таа учествувала во преземањето на последната лиценца од Министерството за економија во 2024 година, како и дали го познава лицето по име Вили од ова Министерство, при што сведокот повтори дека немала никакви ангажмани околу дискотеката.
Покрај неа, пред судот сведочеше и столарот Сашко Зафиров за изведувањето на внатрешните работи во објектот во 2012 и во 2024 година, кој изјави дека бил усно ангажиран од Дејан Јованов, без писмен договор или документ за изведените работи.
Тој појасни дека неговата задача била да ги обложи веќе постоечките метални конструкции изработени од бравари со дрво, иверица и фурнир, а во 2024 година изведувал доработка и обликување на клупите во сепарињата со водоотпорни панели, при што немало никакви промени на покривот.
Зафиров наведе дека за време на работите во 2012 година имало и други работници, како молери и лица за санитарии, а инструкциите со планови и скици на браварите им ги давало друго младо лице, а не Дејан Јованов.
– Кога јас влегов, 90 проценти од работите веќе беа завршени. Зборувам за 2012 година, конструкцијата беше целосно направена. Јас бев еден од последните мајстори, за да ги поставам панелите и да ги шрафам – сведочеше Зафиров.
Потврди дека Јованов бил присутен додека тој ги изведувал работите.
За наредното рочиште, одбраната на првообвинетиот Дејан Јованов предложи вкупно седум сведоци: Анастасија Соколова – вработена во „Пулс“; Костадин Поп Христов, пиротехничар ангажиран од Дејан Јованов; Горан Игновски – соработник на ДНК; Бојан Спасовски – угостител од Гевгелија; Димитар Граменов – вработен во пожарна; Дејан Стојанов – за околности битни за внатрешното уредување во објектот и Марјан Зафиров – еден од првите вработени во „Пулс“.
Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Процесот почна на 19 ноември 2025 година, осум месеци по пожарот што се случи на 16 март 2025 година за време на настапот на групата ДНК, во кој животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени

Македонски



