
Во вторник, 17 ноември, во Македонскиот паб „Ѕе“, во 20 часот по двегодишна пауза, повторно ќе настапи Hayvanlar Alemi, еден од најинтересните претставници на современата турска и европска психоделична, дум и експериментална рок музика. Концертот ќе биде можност за непосредна средба со нивниот специфичен инструментален звук, кој се движи меѓу психоделичниот рок, жанровските експерименти и слободната импровизација.
Добра увертира за претстојниот концерт е Evidence of Life on Earth: Concert Recordings from Ankara, Istanbul and Belgrade, 2018–2019, концертниот албум на бендот, објавен 2023 година за Inverted Spectrum Records. Составен од снимки направени на настапи во Анкара, Истанбул и Белград, албумот ја документира изведувачката енергија на Hayvanlar Alemi и начинот на кој нивниот музички израз се развива и трансформира во живо. Концертните снимки ги откриваат динамиката, импровизаторската слобода и звучната разновидност што се суштински дел од нивниот пристап кон музиката.
Основани во Анкара во 1999 година, Hayvanlar Alemi (во превод: Животинско царство) се авангарден инструментален психоделичен рок бенд чиј музички јазик се развива низ постојано испреплетување на различни жанрови и музички традиции. Гаражниот и сурф-рокот, прогресивниот рок, дум металот, дабот, фри џезот, пост-панкот, стоунер рокот и слободната импровизација се дел од звучните територии што ги истражуваат, надополнети со ритмички и мелодиски елементи од Блискиот и Далечниот Исток, Африка, Латинска Америка и Источна Европа.
Во текот на своето 27-годишно постоење, бендот има објавено бројни изданија преку меѓународни дискографски куќи како Sublime Frequencies, Glitterbeat, Unrock и Subsound. Нивниот последен студиски албум, Psychedelia in Times of Turbulence, е објавен 2020 година за Subsound Records од Рим. Музиката на Hayvanlar Alemi добива позитивни критики во публикации како Wire, Bandcamp Daily, Vice, The Guardian, Metal Hammer и Pitchfork, а бендот досега има одржано повеќе од сто концерти во 20 земји.
Во Скопје ќе настапат во трио формација, составена од основачите Özüm İtez (електрична гитара) и Işık Sarıhan (тапани), заедно со македонскиот басист Дени Омерагиќ, познат од составите Светлост, Odron Ritual Orchestra, Строг Пост, Fighting Windmills и DUNYHA. Оваа формација го продолжува препознатливиот пристап на бендот, во кој психоделичните гитарски структури, ритмичката динамика и импровизацијата се спојуваат во интензивен и непредвидлив инструментален звук.
Како предгрупа ќе настапи триото составено од Благојче Томевски, Мартин Џорлев и Драган Теодосиев. Благојче Томевски е бас-кларинетист активен на македонската џез и импровизаторска сцена, со учество во формации како Taxi Consilium, АУМ трио и квинтетот на Андреа Мирческа. Мартин Џорлев е музичар, композитор и мултиинструменталист, основач на составите Луфтханза, Стој, после! и Животни, преку кои развива различни музички и авторски пристапи на домашната независна сцена. Драган Теодосиев е тапанар, импровизатор и композитор, активен во составите Taxi Consilium, Светлост, Cobalt Code Unit, Shock Troopers и бројни други домашни и меѓународни соработки.

Македонски



