Skip to main content

„Мал формат / МиниАртура“ на ДЛУМ во КИЦ

Во организација на Друштвото на ликовните уметници на Македонија – ДЛУМ, на 16 ноември во Културно- информативниот центар –КИЦ, Скопје, во 20.30 часот ќе биде отворена изложбата „Мал формат / МиниАртура“.

Во рамки на „Мал формат“ ќе бидат претставени 37 автори со 64 дела, а во „МиниАртура“ 27 автори со 47 дела.

„Мал формат“ го насочува вниманието кон уметничкото дело со ограничени димензии, но со неограничен простор за визуелна, концептуална и емоционална интерпретација. Малата површина овозможува концентрација на ликовниот јазик и ја нагласува важноста на секој потег, линија, боја, форма и текстура. Претседателката на ДЛУМ, проф. д-р Јана Манева –Чупоска укажува дека во рамките на оваа изложба се среќаваат различни авторски пристапи, техники и поетики кои покажуваат дека форматот не ја ограничува идејата, туку може дополнително да ја засили нејзината експресивност. „Делото со помали димензии често создава непосредна и интимна комуникација со набљудувачот, барајќи поголемо внимание и поблизок контакт. „’Мал формат’“ , вели таа, е простор во кој малото станува значајно – како концентрација на мислата, чувството и личниот уметнички ракопис. Изложбата ја потврдува разновидноста на современото ликовно творештво и можноста во мал простор да се создаде силен и целосен визуелен исказ“.

За изложбата „МиниАртура“ Манева -Чупоска ќе рече дека ја претставува уметноста на прецизноста, концентрацијата и вниманието кон деталот.

Минијатурниот формат создава специфичен ликовен простор во кој секој елемент има своја функција и значење, а малата димензија станува предизвик за уметникот и можност за исклучително концентриран визуелен израз. Во ‘МиниАртура’ големината на делото не ја определува неговата содржинска или естетска вредност, напротив, ограничениот простор отвора можност за суптилност, прецизност и истражување на формата, линијата, бојата, светлината и текстурата“, вели меѓудругото . претседателката на ДЛУМ.

Особената вредност на изложбата „Мал формат“ според проф. д-р Маја Рауник Кирков, претседателка на уметничкиот совет на ДЛУМ, произлегува од коегзистенцијата на различни авторски сензибилитети, техники и поетики. „Мал формат 2026“ е афирмација на уметничката мисла, креативната слобода и способноста на визуелниот говор преку минимална физичка форма да презентира комплексни естетски, емотивни и концептуални содржини. Вистинската вредност на делата на оваа изложба се наоѓа во капацитетот одлично да ги презентираат моќта на ликовните идеи и нивните ликовни артикулации“, вели меѓудругото Рауник Кирков. Таа смета дека изложбата „МиниАртура“ претставува специфичен простор на уметничка концентрација. „Физичката присутност на ликовните дела со минијатурни димензии го менуваат ритамот на гледање, поттикнуваат побавно набљудување, приближување и откривање на визуелните слоеви што не секогаш се откриваат при првиот поглед. Овие ликовни дела бараат внимание и посветеност, но за возврат нудат богатство од значења, асоцијации и естетски доживувања. Во нивните ограничени димензии често се отвораат неограничени простори на имагинацијата. Разновидноста на авторските ракописи и ликовните решенија ја потврдува способноста на современата минијатура да ги надмине конвенционалните претстави за размерот, обемот и монументалноста на уметничкото дело. Минијатурата станува простор на истражување во кој малото не значи ограничено, туку интензивно, промислено и содржински богато. Оваа изложба ја афирмира уметноста на суптилното присуство – онаа што не ја наметнува својата големина, туку ја освојува вниманието со својата внатрешна комплексност, поетичност и изразна моќ“, потенцира претседателката на уметничкиот совет на ДЛУМ.

Поврзани вести