
Во Битола се одбележува 14 ноември, денот кога пред 82 години, во старата зграда на Народниот театар се одржа првата театарска претстава на Македонски јазик, „Ѓоре Магарески“ од Владо Малески во режија на Димче Стефановски, воедно ден кога прв почна со работа театарот во Битола.
Првите членови и основачи на театарот биле Јорго Цаца, Вера Вучкова, Димче Стефановски, Ацо Стефановски, Мери Бошкова, Симо Георгиевски, Славче Матевски, Георги Карев и Јован Бејко, кои заедно со следните генерации во старата зграда на театарот изградена од Абдул Керим Паша во 1897 година, работаат до 1980 година, кога зградата е срушена.

Од тогаш и денес, ансамблот на НУ Народен театар Битола претставите ги подготвува и игра на сцените во Центар за култура, каде вечер ќе почне 12. издание на Битола Шекспир фестивал.
Според програмата, фестивалот ќе биде отворен со битолските актери учесници во преставата „Кориолан“ во режија на Џон Блондел, а освен нив, во наредните денови со дела од Шекспир ќе се претстават ансамбли од Италија, САД, Ерменија, Романија, Грузија и Малта.

Македонски



