
Со свечен концерт во Националната опера и балет ќе бидат одбележани 25 години од основањето на Мандолинскиот оркестар „Скопје“ и 60 години уметничка дејност на маестро Рамадан Шукри.
Како што соопштуваат организаторите, јубилејниот концерт, насловен „25 + 60 = Мандолина, Хармонија, Инспирација“ ќе понуди музичка програма составена од дела од класичниот репертоар, оркестарски композиции и други содржини преку кои ќе биде претставен уметничкиот развој на оркестарот, а на концертот ќе настапат и истакнати домашни и странски солисти.

Со концертот ќе биде одбележано четвртвековното постоење на Мандолинскиот оркестар „Скопје“, кој од основањето во 2001 година континуирано ја промовира мандолинската музика и настапува на домашни и меѓународни сцени.
Посебен дел од програмата ќе биде посветен на маестро Рамадан Шукри, кој годинава одбележува шест децении уметничко творештво. Како контрабасист, педагог и диригент, тој со децении придонесува за развојот на оркестарската и мандолинската музика и за едукацијата на нови генерации музичари. Под негово и под уметничкото раководство на м-р Ерхан Шукри, оркестарот се развил во препознатлив меѓународен ансамбл, реализирајќи бројни концерти, настапи и соработки со музичари од земјата и странство.

Македонски



