Skip to main content

Град Скопје ги додели наградите „13 Ноември“: Меѓу лауреатите новинарката Леунора Калиќи, архитектот Огнен Марина и примабалерината Марија Кичевска-Шокаровска

По повод 82 години од ослободувањето на Скопје, вечерва во Македонската опера и балет беа доделени наградите „13 Ноември“, со кои Градот им оддава признание на поединци, институции и организации за нивните достигнувања и придонес во развојот на главниот град.

Меѓу годинашните добитници се новинарката Леунора Калиќи, архитектот и професор Огнен Марина, примабалерината Марија Кичевска-Шокаровска, како и Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Во областа на публицистиката, Леунора Калиќи е наградена за долгогодишната професионална работа во новинарството и публицистиката. Огнен Марина го доби признанието за книгата „The Skopje Project“, во која ја истражува обновата на Скопје по земјотресот во 1963 година и архитектонските идеи што го обликувале неговиот повоен изглед.

Наградата за образование и воспитание му припадна на Факултетот за музичка уметност, по повод 60 години од основањето. Во текот на шесте децении, факултетот има значајна улога во образованието на генерации музичари, изведувачи, композитори и музички педагози.

За придонес во развојот на културниот живот во Скопје е награден Мирко Стефаноски, додека Марија Кичевска-Шокаровска доби признание за долгогодишниот придонес во развојот и афирмацијата на балетската уметност.

Во областа на здравствената заштита наградата ја доби група автори на учебниците „Превентивна стоматологија“ и „Детска стоматологија“. Меѓу авторите се Елизабета Ѓоргиевска, Марија Стефановиќ, Мира Јанкуловска, Ана Сотировска-Ивковска, Златко Георгиев, Александар Димков, Мери Павлевска, Олга Кокочева-Ивановска, Ефка Жабокова-Билбилова, Весна Амбаркова, Јасна Симоноска и Христо Петановски.

За придонес во заштитата и унапредувањето на животната средина е наградена компанијата „Мен енд маунтен“ ДОО Скопје, додека признанието за хуманитарна активност му припадна на педијатарот Илија Кировски.

Во областа на спортот наградата ја доби пливачката Меланија Ќулавковска за постигнувањата на домашни и меѓународни натпреварувања. Во категоријата ученици и студенти, лауреатка е Михаела Блажевска, наградена за образовните достигнувања и креирањето на платформата „Learn.mk“.

Наградите ги врачи градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој во обраќањето до добитниците рече дека нивното знаење, творештво, труд и човечност придонесуваат за угледот на градот и претставуваат пример за младите генерации.

Најголемата обврска на денешните генерации е да ја продолжиме борбата за подобра иднина и да изградиме град што гордо ќе им го предадеме на идните поколенија“, порача Ѓорѓиевски.

Наградата „13 Ноември“ се доделува во чест на ослободувањето на Скопје и претставува признание за остварувања во различни области од општествениот живот. Со неа градот ги издвојува луѓето и организациите чија работа оставила значаен белег во неговиот културен, образовен, научен, спортски и општествен развој.

Поврзани вести