
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека состојбата со цените на енергентите во Европа е алармантна, дека тие секојдневно растат и веќе се трипати повисоки од овој период минатата година. Но и покрај тоа, како што нагласи, Владата прави се што е во нејзина моќ во Македонија да нема покаспувања и да останеме земја со убедливо најниски цени на дизел и безоловниот бензин горивата, на електричната енергија и затоплувањето во Европа.
Состојбата во Европа е жестоко алармантна. Кога зборувам жестоко алармантна, зборувам нуклеарни централи кои не работат, низок водостој, ниски нивоа на гас во складиштата, цените на берзите се навистина историски највисоки, по 400, 500 па и повеќе евра за мегават час. Истото тоа важи и за гасот. И ова се случува во континуитет некаде од втората половина на август, сега сме веќе на средината на ноември и не само што состојбата не се смеирува, туку, напротив, се влошува. Што правиме ние? Ние како Влада, односно АД ЕСМ, на јавниот повик на EVN Home, ќе достави понуда која ќе биде со иста цена како минатата, значи нема да бара зголемување на цената. Така што, што се однесува до државата ние ќе се трудиме да останеме на нула, односно да нема поскапување, но, тоа не можам да го кажам за приватните субјекти коишто учествуваат со нивна суверена политика. Јас тука не можам да интервенирам – рече Мицкоски во одговор на новинарски прашања при посетата на Гази Баба.
Појасни дека Владата изготвила бизнис модел, кој што изминативе денови го разработувавала со АД ЕСМ, поранешно ЕЛЕМ, но и бизнис план со кој нема да се бара покачување на цената на струјата.
Производот ќе биде по иста цена, зборувам за државната компанија АД ЕСМ, а на крајот од 2027 година ќе целиме на профит кој што би го остварила оваа компанија. Таков е овој бизнис модел кој што го креиравме и сега треба да видиме дали ќе функционира – нагласи премиерот.
Што се однесува до парното греењеа, како што информира, се бара многу големо поскапување, но оти ќе се борат тоа да не се случи.
Цената на гас е трипати поголема од минатогодишната цена за истиот период. Меѓутоа тука ќе се бориме да нема алармантно зголемување на цената, односно тоа да биде во рамките на нешто што максимум, односно минимум може да се издржи. И со тоа ќе бидеме земја со убедливо најниски цени на дизел и безоловниот бензин, горивата, електричната енергија и затоплувањето во Европа – рече премиерот Мицкоски.
Приоритет на Владата, додаде, е заштита на стандардот.
Ситуацијата е жестока, ситуацијата е алармантна и не знам до кога ова ќе може да се издржи, но, до овој момент ние со нашите механизми што ни стојат на располагање и креативни решенија успеваме да се спротивставиме на овој притисок – рече Мицкоски во одговорот на новинарско прашање.

Македонски



