
Првенците на Македонскиот народен театар (МНТ) Тања Кочовска и Тони Михајловски, се добитници на фестивалски признанија на 22. Меѓународен фестивал на глумецот – Никшиќ 2026. Кочовска ја доби наградата за најдобра женска, а Михајловски за најдобра машка епизодна улога, за своите актерски остварувања во претставата „Страв и надеж“ на МНТ.
Претставата, во адаптација и режија на Татјана Мандиќ Ригонат, беше дел од овогодишната фестивалска програма, а актерските остварувања на двајцата првенци на МНТ беа издвоени како особено впечатливи.
Во образложението на жирито се истакнува:
Беше вистинско задоволство да се гледаат овие двајца актери, особено во сцената во која настапуваат како партнери. Нивната игра беше трагикомична, исполнета со човечка топлина. Со својата инспиративна актерска игра ја направија нашата одлука лесна.“
Одлуката ја донесе стручното жири во состав: Миодраг Кривокапиќ, истакнат драмски уметник и актер, претседател на жирито, Даница Максимовиќ, истакната актерка, и Стеван Вуковиќ.
На свеченото доделување, наградите ги прими директорот на Македонскиот народен театар, Никола Кимовски, во име на наградените актери.
Реткост и посебна чест е да се добие награда на фестивал посветен на актерот. Актерот без кого ликовите би останале да живеат само на хартија, а сцената би била празна. Актерот кој на сцената стои пред нас како огледало, кажа – Кимовски.

Македонски



