Skip to main content

Научен труд на тим од лекари од болницата за кардиоваскуларни заболувања од Охрид е објавен во престижно меѓународно научно списание

Научен труд на тим лекари од ЈЗУ Специјализирана болница за кардиоваскуларни заболувања „Св. Стефан“ од Охрид е објавен во престижното меѓународно научно списание „European Heart Journal – Case Reports“, што е дел од Европското здружение за кардиологија.

Автор на трудот е д-р Благоја Стефановски, интервентен кардиолог во болницата, а коавтори се д-р Бранка Милачиќ, кардиолог во Одделението за интензивна нега и д-р Елена Коваческа Башуроска, раководителка на одделот.

Трудот обработува редок клинички случај на доцна перфорација на коронарна артерија, проследена со срцева тампонада, која се развила три дена по примарна перкутана коронарна интервенција кај млада пациентка со спонтана дисекција на коронарна артерија и инфаркт на миокардот со СТ-елевација.

Од болницата посочуваат дека објавувањето во ова меѓународно списание претставува значајно професионално достигнување и признание за стручната и научноистражувачката работа на авторскиот тим, но и на установата.

Во соопштението се нагласува дека трудот ја истакнува важноста на клиничкото искуство, внимателното следење на пациентите по интервентни кардиолошки процедури и препознавањето на ретки, но потенцијално животозагрозувачки компликации.

Поврзани вести