
„Приказни што оживуваат“ продолжува со креативна работилница посветена на Винсент ван Гог
Креативниот центар „Сончогледи“ на 12 ноември (четврток), со почеток во 18 часот, ќе ја реализира четвртата креативна работилница од циклусот „Приказни што оживуваат – уметност, литература и пантомима за деца“, посветена на животот и творештвото на еден од најзначајните претставници на постимпресионизмот – Винсент ван Гог.
Преку запознавање со животот, уметничките идеи и најпознатите дела на Ван Гог, учесниците ќе имаат можност да го истражат неговиот специфичен сликарски израз, препознатлив по интензивните бои, динамичните композиции и карактеристичните вртливи потези на четката. Во фокусот ќе бидат дела како „Ѕвездена ноќ“ и „Сончогледи“, преку кои децата и младите ќе откриваат како уметноста може да пренесе емоции, движење и лични доживувања.
Работилницата ќе ги обедини литературата, визуелната уметност, глумата и пантомимата. Преку раскажување, набљудување и анализа на уметнички дела, како и интерактивни драмски и пантомимски активности, учесниците ќе ја истражуваат атмосферата на сликите и ќе се обидат да ги преточат боите, формите и движењата во невербален израз.
Практичниот ликовен дел овојпат ќе биде посветен на работа со полимерна глина. Инспирирани од мотивите и колоритот на Ван Гог, учесниците ќе моделираат и обликуваат сопствени тридимензионални креации, трансформирајќи ги препознатливите елементи од неговото сликарство во нови уметнички форми. На овој начин, преку непосредно творечко искуство, ќе ја истражуваат врската меѓу сликарството, материјалот и просторната форма.
Работилницата е наменета за деца и млади од 6-годишна возраст, а ќе ја водат Марина Туфекчиевска, комуниколог и дипломиран филолог по општа и компаративна книжевност; Кристина Таневска, визуелен уметник, ликовен педагог – вајар и магистер по сликарство; и Метo Јанакиевски, историчар на уметност и пантомимичар.
Работилницата ќе се одржи во Креативниот центар „Сончогледи“, Т.Ц. Олимпико, трет кат, Тафталиџе. Учеството е бесплатно, но потребно е претходно пријавување..
Проектот „Приказни што оживуваат – уметност, литература и пантомима за деца“ е финансиски поддржан од Град Скопје.

Македонски



