Skip to main content

„Нема да ви се верува што се случи претходно“ на Срѓан Јаниќијевиќ во Синеплекс

„Нема да ви се верува што се случи претходно“, во режија на Срѓан Јаниќијевиќ од 12 ноември може да се гледа во Синеплекс, објави киното. На 12 ноември ќе се случи кинопремиерата на филмот, а потоа ќе биде на редовен репертоар.

Филмот беше прикажан на затворањето на 47. издание на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола, а светска премиера имаше во септември на фестивалот во Олденбург, Германија.

Филмот е политички трилер со елементи на црна комедија, во чиј фокус се борбата за вистината, слободата на новинарството и обидот да се зачуваат личниот и професионалниот интегритет во општество во кое политиката, криминалот и медиумите се длабоко испреплетени. Филмот следи двајца новинари во движење, бркани од сенките и од времето.

Идејата е на Јанаќијевиќ, сценариото е на Сашо Кокаланов и Дејан Дуковски, а играат Никола Ристановски, Дарја Ризова, Сашко Коцев, Сара Сандева и Оливер Митковски. Монтажер е Мартин Иванов, композитор е Игор Василев-Новоградска, дизајнер на продукција Иван Бартлинг, костимографка е Лидија Георгиева, дизајнерка на филмска шминка Снежана Ангеловска-Живковска, а дизајнер на звук е Дарко Спасовски. Главен продуцент е Сашо Пешев во продукција на „Ново македонско видео“, односно „Њу момент“.