Skip to main content

Промоција на стихозбирката „Тапан на пат“ од Олга Панкина

На 10 ноември (вторник), во просториите на ДПМ со почеток во 19 часот, ќе се одржи промоција на стихозбирката „Тапан на пат“ од Олга Панкина. Книгата, објавена во издание на Здружението за уметност и култура „Дијалог“, ќе ја промовираат академик Влада Урошевиќ и д-р Владимир Мартиновски.

„Тапан на пат“ е петта поетска книга на Олга Панкина која со своите естетски вредности претставува впечатлив творечки влог во дијалогот со македонската книжевност и значи своевидно збогатување на современата македонска поезија. Во својата рецензија д-р Владимир Мартиновски, меѓу другото, нагласува дека „славењето на поетската креативност преку паралелите со патувачките искуства во поезијата на Панкина е органски поврзано со идејата за уметникот како патник. Општо земено, животот во оваа поезија е сфатен како движење и патување. Следејќи ги непрекинатите преобразби на водата во природата, поетесата низ топосот на вечното патување ни го доловува и животот како пат без крај.“

Олга Панкина пишува поезиjа и кратка проза на руски и на македонски jазик. Авторка е на поетските збирки: „Предзимје“, „Паралелни светови“, „Плисок“, „Меѓусебна потрага“, и збирка раскази „Сината птица“. Од областа на македонистиката авторка е на повеќе од 80 научни реферати и статии. Ги објавила книгите есеи „Размислувања за литературата“ и „Македонската книжевност низ призма на преводот“. Авторка е на преводите на 82 посебни книги од македонски писатели, како и на преводите на творби (поетски, прозни, драмски, критичко-есеистички) од 300 македонски писатели презентирани во рамките на антологиски избори, панорами и одделни објави. Панкина е добитничка на голем број награди и признанија: медал „Державин“, „Кристално перо“, медал „Чехов“, Златна диплома од Меѓународниот форум на словенските култури „Златен витез“, медал „Грибоедов“, „Jугра“, „Златен витез“, лауреат е на литературните конкурси „Степска лира“, „Jасна Полjана“, државна награда медал „Пушкин“ (Русиjа); „Арт Глобал“ (Хрватска); „Златно перо“, „Григор Прличев“, медал „Блаже Конески“, „Гоцевата мисла“, „Арт Феникс“, „Почесно Рациново признание“, „Sвезден македониум“, државна награда Медал за заслуги за Македониjа, „Лингва“,„Ацо Караманов“ и други

Поврзани вести