Skip to main content

Клековски: Почна усогласувањето на прописите за дроги со ЕУ

Министерството за здравство започна процес на усогласување на законската регулатива за контрола на дроги со европските стандарди, а во тек е и подготовка на нова Национална стратегија за дроги за периодот 2024–2027 година.

Како што информира министерот за здравство Сашо Клековски, активностите се дел од Реформската агенда и имаат цел приближување на домашното законодавство до прописите на Европската Унија.

„Формирана е работна група за усогласување на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции со законодавството на ЕУ, а во тек е и склучување работен аранжман со Агенцијата на ЕУ за дроги“, изјави Клековски.

Тој посочи дека Европската комисија го одобрила барањето за експертска поддршка преку програмата ТАИЕКС, преку која европски експерти ќе помогнат во изработката на новата Национална стратегија за дроги, која треба да биде усогласена со европските политики во оваа област.

Во рамки на реформите предвидено е и зајакнување на Националната опсерваторија за дроги, како и воспоставување систем за рано откривање и известување за појава на нови психоактивни супстанции.

Вториот чекор од процесот е планиран за следната година и ќе опфати усогласување на листата на психоактивни супстанции со европските стандарди, како и воведување законска дефиниција за „нова психоактивна супстанција“.

Поврзани вести