Skip to main content

Пак ништо за фирмите! Славески зборува за лимити, а компаниите не можат да платат ниту плати ниту сметки

Народна банка

Нови мерки, нови најави, но за компаниите кои имаат сметки во АЛТА банка АД Битола – повторно ништо конкретно. И по денешната прес-конференција на гувернерот Трајко Славески, останува отворено најважното прашање: како фирмите ќе ги исплатат вработените и ќе ги подмират редовните обврски ако нивните средства се во АЛТА банка, а примателите на плаќањата имаат сметки во други банки?

Славески денеска најави постепено олеснување на ограничувањата за клиентите на банката. Од следната недела неделниот лимит за подигање готовина и плаќања со картички ќе се зголеми од 10.000 на 15.000 денари, ќе се отворат шалтери во Тетово и Струмица, а граѓаните кои примаат плати, пензии и социјални трансфери од институции и компании со сметки во други банки ќе можат во целост да ги подигнат приливите.

Но, ниту збор за компаниите кои се во обратната ситуација!

Што ќе прават правните лица кои имаат средства во АЛТА банка, а треба да исплатат плати на вработени чии трансакциски сметки се во Комерцијална, НЛБ, Стопанска или која било друга банка? Како ќе ги платат даноците и придонесите? Кој ќе им ги плати сметките за струја, вода, телефон, интернет, закупнините, здравственото осигурување на вработените и фактурите кон добавувачите?

За овие прашања денеска повторно немаше одговор.

Практично, Народната банка со денешните најави го олеснува пристапот до парите на физичките лица, но не го решава проблемот на компаниите кои не можат да располагаат со сопствените средства надвор од банката. А станува збор за проблем што директно го загрозува нивното секојдневно работење.

Особено загрижува фактот што ова не е ново прашање. Уште на почетокот на неделата беше посочено дека компаниите не можат да ги исплатат вработените кои имаат трансакциски сметки во други банки. Гувернерот тогаш најави дека се разгледуваат преодни решенија за исплата на платите, даноците и придонесите, имајќи го предвид законскиот рок до 15 ноември.

Потоа следуваше и конкретно новинарско обраќање до Народната банка со осум прашања за можните решенија, потребната документација, евентуалните исклучоци од забраната за одливни трансакции и роковите за донесување одлука.

Одговорот повторно беше дека се преземаат активности за нормализирање на опслужувањето на клиентите, без ниту една конкретна информација што би им помогнала на компаниите.

Сега, по уште една прес-конференција, повторно се зборува за лимити, шалтери и исплата на идни приливи, но не и за тоа како ќе функционираат правните лица.

Народната банка постојано уверува дека АЛТА банка е ликвидна и во добра финансиска состојба. Но, тоа за компаниите не значи ништо. Што ако нивните средства се на сметките во банката, кога тие не можат да ги користат за исполнување на обврските кон луѓето што работат за нив и кон другите деловни субјекти.

Ако физичките лица добиваат нови олеснувања, зошто правните лица и натаму се оставени без одговор? Дали се подготвува посебен механизам за исплата на платите и подмирување на тековните обврски, дали администраторите ќе можат да одобруваат вакви трансакции и кога компаниите ќе добијат јасни насоки?

Времето истекува, а компаниите не можат да го запрат работењето додека Народната банка „ги разгледува можностите“.

Платите, даноците, придонесите, кириите и режиските трошоци имаат рокови за плаќање, без оглед на тоа што се случува во банката. Народна банка и Славески мора да одговорат како и кога ќе ги решат овие прашања!

Поврзани вести