Skip to main content

Вулканот Килауеја на Хаваите еруптираше 56. пат за нецели две години

Screenshot

Вулканот Килауеја на Големиот Oстров на Хаваите повторно исфрли лава којашто достигна височина од приближно 200 метри. Еруптивната епизода траеше околу шест часа, при што лавата остана задржана во рамките на кратерот на врвот на вулканот.

Според Опсерваторијата за вулкани на Хаваи, што е дел од Геолошкиот институт на САД (УСГС), 56-та еруптивна епизода во кратерот Халемаумау почна во 12:10 часот по локално време. Ерупциите првично биле високи околу 30 метри, но брзо се издигнаа – достигнувајќи 100 метри за 20 минути, а на крајот се искачија до околу 200 метри. Помали ерупции се појавиле и од отвор на југозападниот дел. Ерупциите завршиле нагло во 18:01 часот по локално време, по приближно шест часа континуирана активност.

Снимките од камерите на УСГС, прикажуваат фонтани од лава што го осветлуваат вечерното небо, додека потоци од лава се слеваат кон дното на кратерот.

Радарските податоци од Националната метеоролошка служба на САД покажаа дека облак од вулкански гасови и пепел достигнал висина од приближно 5.500 метри. Агенцијата издаде предупредување за можно посипување со пепел западно од вулканот, во Округот Кау и долж Автопатот 11.

Сите активни отвори и тек на лавата останаа задржани во рамките на кратерот што се наоѓа во Националниот парк „Вулкани на Хаваи“. На главната ерупција ѝ претходеа неколку дена прелевање на лавата во северниот отвор, што почна на 2 ноември.

Килауеја, еден од најактивните вулкани во светот, еруптира епизодно уште од 23 декември 2024 година. Повеќето епизоди траат помалку од еден ден, со интервали од две недели или подолго меѓу нив. Претходната, 55-та епизода заврши на 17 октомври.

Поврзани вести