
Американскиот претседател Доналд Трамп повторно упати остри обвинувања на сметка на изборниот систем во САД, тврдејќи дека изборите во земјата во голема мера се наместени и посочувајќи на спорното пребројување на гласовите во трката за градоначалник на Лос Анџелес.
„Нашите избори се толку наместени што не можете ни да замислите“, изјави Трамп во обраќањето пред новинарите.
Американскиот претседател се осврна на изборната трка во Лос Анџелес, особено на резултатите на кандидатите Спенсер Прат и Нитја Раман. Според него, се очекувало Прат да обезбеди пласман во вториот круг, но ситуацијата се променила по дополнителното пребројување на гласовите.
Трамп ја посочи оваа промена на резултатите како пример за неправилности во американскиот изборен систем, но не изнесе докази што би потврдиле дека станува збор за организирана изборна измама.
Спорот околу пребројувањето на гласовите во Лос Анџелес се појави уште по предизборите во јуни. Тогаш внимание привлече објавувањето на резултатите, според кои некои демократски кандидати добиле голем број дополнителни гласови, додека кај Прат во еден момент немало никаква промена. „Лос Анџелес тајмс“ подоцна објави дека станувало збор за временски неусогласено ажурирање на податоците, а не за доказ за изборна измама.
Новите критики на Трамп кон изборниот систем следуваат по конгресните избори одржани на 3 ноември, на кои Републиканската партија го загуби мнозинството и во Претставничкиот дом и во Сенатот.
Со тоа Демократската партија ја презеде контролата врз законодавната власт, што значително ќе ѝ го отежне на администрацијата на Трамп спроведувањето на политичката програма во преостанатите две години од неговиот претседателски мандат.
Американскиот претседател претходно призна дека растот на цените на горивата и војната со Иран имале значително влијание врз изборниот резултат на републиканците.
Осврнувајќи се на оценката на потпретседателот Џеј Ди Венс дека војната со Иран придонела за изборниот пораз, Трамп потврди дека тоа во голема мера е точно, објаснувајќи дека воените операции довеле до поскапување на бензинот и незадоволство кај гласачите.
Истовремено, тој ја бранеше одлуката за воена интервенција против Иран, нагласувајќи дека и по изборниот пораз не би ги променил своите постапки.
„Ако повторно требаше да ја донесам таа одлука, ќе постапев на ист начин“, порача Трамп, образложувајќи го својот став со потребата да се спречи Иран да дојде до нуклеарно оружје.
Поразот на републиканците го отвори прашањето за идните односи меѓу Белата куќа и Конгресот, во кој демократите ќе имаат можност да ги блокираат законодавните иницијативи на администрацијата и да покренуваат парламентарни истраги.
Трамп, сепак, најави дека ќе ги користи претседателските овластувања, вклучително и правото на вето, за да спречи усвојување закони со кои не се согласува.

Македонски




