Skip to main content

„Македонија 360“ – нова дигитална туристичка мапа на земјава со повеќе од 500 локации

Во Музејот на Македонската борба за самостојност во Скопје денеска беше промовирана дигиталната туристичка платформа „Македонија 360“ (Macedonia360.mk), која овозможува виртуелно истражување на природното, културното и историското наследство на земјата преку 360-степени панорами, виртуелни прошетки и видео содржини.

Платформата, како што беше посочено на промоцијата, претставува национална интерактивна дигитална мапа со повеќе од 500 локации и над 10.000 панорами, организирани во категории, како населени места, природни знаменитости, археолошки локалитети, музеи, верски објекти, авантуристички дестинации, угостителски и туристички капацитети, како и мали агропроизводители. Платформата содржи и 360-степени виртуелни презентации на Музејот на македонската борба за самостојност и Археолошкиот музеј на Македонија, збогатени со аудионарација на македонски и англиски јазик, преку кои посетителите може виртуелно да се движат низ музејските простории и да се запознаат со историските содржини. Текстовите во платформата се достапни и во превод на четири јазици – англиски, албански, турски и српско-хрватски.

Платформата е реализирана од Агенцијата за туризам и маркетинг „Македонија на дланка“, со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам, преку конкурсот за проекти од областа на креативните и културните индустрии за 2026 година.

Авторот на проектот и претставник на Агенцијата за туризам и маркетинг „Македонија на дланка“, Бојан Тренчевски, истакна дека „Македонија 360“ е резултат на повеќегодишна работа што започнала со првите 360-панорамски снимки од воздух во 2015 година.

Целта беше на едно место да ги обединиме туристичките, природните, историските и културните содржини, со можност посетителот лесно да ги пребарува, да ги пронајде на мапа, да добие информации за нив и виртуелно да ги разгледа. Денес таа идеја порасна во нешто многу поголемо – во дигитална туристичка мапа која ги поврзува природата, историјата, културата, духовното наследство, туризмот и современата технологија – рече Тренчевски.

Тој посочи дека платформата претставува значително надградена верзија на проектот „Македонија на дланка“ и прераснала во „целосен дигитален водич за туризам, култура и историско наследство“.

Ние во новиот проект „Македонија 360“ досега мапиравме повеќе од 500 локации, наместо 300 првично планирани, и тие се организирани во различни тематски категории. На овој начин сакаме Македонија да ја приближиме не само до домашните посетители, туку многу повеќе и до странските туристи ширум светот – нагласи Тренчевски.

Според него, една од главните цели на платформата е да ги промовира и помалку познатите туристички локалитети низ државата.

Македонија има стотици помалку познати места кои заслужуваат внимание. Една од главните цели на „Македонија 360“ е токму тие места да ги направиме видливи и да му овозможиме на посетителот, додека истражува една позната дестинација, да открие уште неколку интересни локации во нејзина близина – рече Тренчевски.

Директорката на Музејот на македонската борба за самостојност, Анче Илиевска, оцени дека дигиталните технологии отвораат нови можности за промоција на културното наследство и за негово доближување до поширока публика.

Токму затоа сметаме дека изработката на 360 виртуелна прошетка низ Музејот на македонската борба за самостојност претставува значаен чекор во неговата дигитална презентација – истакна таа.

Илиевска потенцира дека виртуелната прошетка е збогатена со аудионарација на македонски и англиски јазик и овозможува посетителите не само да го разгледаат музејскиот простор, туку и подобро да ја разберат историската содржина на поставката.

Нашата цел не е виртуелната посета да ја замени реалната физичка посета, туку да ја надополни, да ја збогати и да поттикне уште поголем интерес за музејските содржини – рече Илиевска. 

Во рамките на настанот беше организиран и мал саем на кој се претставија дваесетина агропроизводители. 

Поврзани вести