Skip to main content

Прво заедничко слушање на „All Colors of M“

Вечерната програма го продолжи разговорот за Битола преку музиката. На слушачката промоција на „All Colors of M“, публиката имаше ексклузивна можност да го слушне материјалот од албумот пред претстојната промоција на винилното издание.

Зад албумот стојат Оливер Јосифовски, Исмаил Љумановски, Алек Секуловски и Давор Јордановски. Нивните различни музички искуства и индивидуални изрази се среќаваат во заеднички проект, кој оваа вечер доби непосредна средба со битолската публика.

Слушачката промоција овозможи вниманието да се задржи на самиот материјал. Во време кога музиката често ја слушаме попатно, ваквиот формат повикува на посветено слушање, на следење на целината и на откривање на деталите. Првото доживување на албумот притоа станува и заедничко искуство, врзано за одредено место, луѓе и атмосфера.

Присуството на двајца од музичарите придонесе за блискоста на средбата. Низ вечерта ја водеше публиката Влатко Деловски, а свое обраќање имаше и директорот на КИЦ Битола, Димитар Михајловски.

За звучната презентација на материјалот се погрижија Теохаров аудио системи и Аудиокултура. Промоцијата на винилното издание на „All Colors of M“ се очекува наскоро.

Отворањето на трите соби и слушачката промоција покажаа колку природно можат да се надоврзат различни културни содржини кога меѓу нив постои смислена врска. Во едниот дел од денот, вниманието беше насочено кон зачуваното знаење за градот. Во другиот, кон музичко дело што влегува во неговиот современ културен живот.

Токму во таа врска Офицерскиот дом ја потврдува својата важност за Битола. Како место во кое наследството е достапно за нови читања, а современото творештво добива публика и простор.

Во пресрет на 4 Ноември, Битола им се наврати на приказните што ја оформиле и слушна една од оние што ќе ги носи понатаму.

Поврзани вести