Skip to main content

АКСИОМА го објави албумот Labor Cost Reduction на триото Андреа Мирческа, Драган Теодосиев и Андреас Гинтер

Издавачката куќа АКСИОМА го објави Labor Cost Reduction, нов албум на триото составено од македонската контрабасистка Андреа Мирческа, тапанарот Драган Теодосиев и германскиот мултиинструменталист Андреас Гинтер.

Снимачките сесии се реализирани по иницијатива на Мирческа, со идеја да се забележи еден момент од повеќегодишното заедничко музицирање на тројцата музичари. Гинтер е чест гостин на Скопје и досега има соработувано со бројни музичари од македонската независна џез сцена. Во ова трио свири флејта, сопран и тенор саксофон, користејќи и ефекти, со кои дополнително го проширува звучниот спектар на инструментите.

Мирческа и Теодосиев имаат долгогодишна соработка во различни состави, меѓу кои Такси конзилиум и Андреа Мирческа квинтет. Нивниот заеднички пристап се темели на длабока интеракција, доверба и исклучително развиено чувство за ритам. Во Labor Cost Reduction, оваа ритмичка основа не служи како фиксна рамка, туку како простор во кој тројцата музичари постојано ги менуваат своите улоги.

Албумот содржи четири слободно импровизирани композиции: „Attack or Compromise“, „Partial Knowledge“, „Marvellous Vanity“ и „Vanity and Ambition“. Насловите се преземени од книгата Човечко, премногу човечко на Фридрих Ниче и функционираат како концептуална рамка за музика што постојано се движи помеѓу индивидуалниот импулс и колективната интеракција.

„Attack or Compromise“ започнува нежно и меланхолично, по што постепено преминува кон спиритуален фри џез, пред ефектите на Гинтер врз сопран саксофонот да ја доведат до бучна и дисонантна кулминација. „Partial Knowledge“ тргнува од фанки бас риф на Мирческа, кој, со влегувањето на тапаните и тенор саксофонот, се трансформира во енергична слободна импровизација. „Marvellous Vanity“ ја истакнува внимателно развиената хемија помеѓу Мирческа и Теодосиев, врз која Гинтер, со својата флејта, постепено додава еден специфичен спиритуален пристап. Најкратката композиција, „Vanity and Ambition“, може да се слуша како продолжение на претходната, со дополнителна димензија создадена преку суптилни западно-азиски влијанија.

Labor Cost Reduction се движи помеѓу фри џезот, слободната импровизација и спиритуалниот фри џез. Она што ги поврзува четирите композиции е начинот на кој Мирческа, Теодосиев и Гинтер се слушаат и реагираат еден на друг, без однапред зададени хиерархии и без потреба музиката да се вклопи во претходно дефинирана фиксна форма.

Наместо три индивидуални гласа што се натпреваруваат за внимание, албумот претставува постојано променлив звучен организам, во кој иницијативата непрекинато преминува од еден музичар кон друг.

Поврзани вести