Skip to main content

ДЗР ги повикува граѓаните и организациите да предлагаат институции и области за ревизија во 2027 година

Државниот завод за ревизија (ДЗР) започна со подготовка на Годишната програма за работа за 2027 година и ги повикува институциите, организациите, граѓанските здруженија и сите заинтересирани субјекти да достават предлози за институции, субјекти и области за кои сметаат дека постои јавен интерес за спроведување државна ревизија.

Од ДЗР посочуваат дека со вклучувањето на јавноста се настојува да се унапредат транспарентноста и процесот на утврдување на ревизорските приоритети.

Доставените предлози ќе бидат разгледани при изготвувањето на програмата, а изборот на ревизиите ќе се врши врз основа на методолошките акти на ДЗР, Стратешкиот план за ревизија за периодот 2024–2027 година, професионалните стандарди на ИНТОСАИ, методологијата на ОЕЦД/СИГМА, Целите за одржлив развој на Обединетите нации, Националната развојна стратегија 2024–2044 година, процената на ризиците и расположливите ресурси.

Предлозите може да се достават најдоцна до 1 декември 2026 година, електронски преку веб-формуларот „Барање за ревизија“ на веб-страницата на ДЗР или во хартиена форма на адреса: Државен завод за ревизија, ул. Павел Шатев бр. 2, Палата „Емануел Чучков“, Скопје.

Годишната програма ја донесува Главниот државен ревизор, а најдоцна до крајот на декември ќе биде доставена до Собранието на Република Македонија и објавена на веб-страницата на ДЗР.

Од ДЗР посочуваат дека учеството на јавноста придонесува кон препознавање на прашањата од јавен интерес и унапредување на отчетноста, транспарентноста и одговорното управување со јавните средства.

Повеќе информации и формуларот за доставување предлози се достапни на: https://dzr.mk/mk/contact/barane_za_revizija

Поврзани вести