Skip to main content

Полнолетните посвоени лица ќе можат да дознаат повеќе за своето потекло, предложени измени на Законот за семејството

Magnific

Полнолетните лица кои биле посвоени би добиле можност за ограничен увид во документацијата за сопственото посвојување, додека посвоителите на малолетни деца би можеле да добијат одредени информации доколку за тоа постојат оправдани медицински причини.

Ова е предвидено со Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за семејството, поднесен до Собранието од група пратеници. Предлогот е доставен на 14 октомври 2026 година, а негови предлагачи се Весна Бендевска, Бобан Карапејовски, Павле Арсоски, Даниела Белимова и Даниел Стојчевски, објави 4news.mk.

Со предложените законски измени, информациите поврзани со посвојувањето и натаму би имале статус на службена тајна, но би се овозможил исклучок во одредени случаи, преку посебно утврдена постапка.

„Полнолетниот посвоеник има право да изврши ограничен увид во списите на предметот за неговото посвојување“, се наведува во една од предложените законски одредби.

За одобрување на барањата би била надлежна стручна комисија, која ќе ја формира министерот за социјална политика, демографија и млади. Таа ќе одлучува за секое барање одделно, определувајќи го обемот и начинот на кој ќе може да се изврши увидот.

Притоа, комисијата ќе треба да направи баланс меѓу правото на посвоеното лице да го дознае сопственото потекло и заштитата на правата и интересите на другите засегнати лица, вклучително и нивниот приватен и семеен живот и личните податоци.

Предложеното решение, според тоа, не предвидува целосно отворање на досиејата за посвојување, ниту автоматско право на пристап до сите информации. Наместо тоа, секое барање ќе се разгледува индивидуално, а пристапот ќе биде ограничен согласно проценката на надлежната комисија.