
Свеченото отворање на Скопје филм фестивал ќе започне вечерва со дефиле на црвениот тепих во 19:30 часот, официјалната церемонија е закажана за 20 часот, а фестивалската проекција на „Идиот(и)“ ќе започне во 20:30 часот во Македонскиот народен театар (МНТ).
Во фокусот на филмот „Идиот(и), со кој ќе биде отворен Фестивалот е љубовната приказна на рускиот писател Фјодор Достоевски и неговата сопруга Ана.
Филмот го следи штотуку венчаниот пар Фјодор и Ана, чиј меден месец во Баден се претвора во повеќегодишен престој исполнет со искушенија, додека Достоевски го пишува својот роман „Идиот“. Сценариото е инспирирано од книгата „Жената на коцкарот“ (The Gambler’s Wife) на Ендру Д. Кофман, како и од приватните дневници, мемоари и писма на младата Ана Достоевскаја.
Полското режисерско дуо Малгоржата Шумовска и Михал Енглерт ќе бидат првите добитници на фестивалската награда „Златна Скополија“, признание за исклучителен придонес кон светската кинематографија, што се востановува во пресрет на 26. издание на Скопје филм фестивал.

Наградата го вреднува нивното повеќедецениско уметничко партнерство и заедничката креативна визија, во која се спојуваат режисерската нарација на Шумовска и визуелниот израз на Енглерт.
Нивната соработка е препознатлива по филмовите „Never Gonna Snow Again“ и најновото остварување „The Idiot(s)“, со кое денеска ќе биде отворен фестивалот во Македонскиот народен театар.
Оддавајќи му признание на реткото и извонредно уметничко партнерство меѓу Малгоржата Шумовска и Михал Енглерт, оваа награда ја става на пиедестал нивната заедничка повеќедецениска креативна визија.
Нивната соработка претставува совршен пример за тоа како спојувањето на два автохтони уметнички сензибилитети, нејзината смела режисерска нарација и неговиот софистициран визуелен јазик, создава единствен, силен и препознатлив филмски глас во европската и светската кинематографија.
Преку нивните заеднички соработки, како „Never Gonna Snow Again“ и најновото филмско остварување „The Idiot(s)“, Шумовска и Енглерт ги поместуваат границите на традиционалното филмско режирање и раскажување, истражувајќи ги длабоките човечки емоции, социјалните контрасти и суптилното преплетување меѓу реалноста и мистиката.
Името на наградата инспирацијата ја наоѓа во „Scopolia carniolica“, необичен, таинствен цвет што расте во сеновитите шуми на планинските предели околу Скопје.

Иако етимолошки независни, фонетската и звучна асоцијација меѓу цветот и градот отвора простор за нова уметничка интерпретација. Скопје е град на контрасти, на убавина и суровост, на постојано исчезнување и повторно раѓање.
Како и самиот цвет, така и градот во себе носи двојственост. „Златна Скополија“ прераснува во автентичен симбол кој ги поврзува историската меморија, идентитетот на градот и универзалниот јазик на филмската уметност.
Автор на наградата е истакнатиот скопски сликар и скулптор Владо Костов (роден во 1967 година), познат по автентичниот израз, отелотворен во суптилни конструкции од отпаден материјал. Зад себе има богата уметничка кариера, од раните ангажмани во познатото англиско студио „Hollywood Road Film Production“, па сѐ до препознатливите конструкции од отпаден материјал и мултимедијалниот проект „Почит кон Чарли Паркер“. Костов ја создава „Златна Скополија“ како совршено отелотворување на суровоста, префинетоста и уникатниот дух на Скопје. Наградата ја изработи Димитар Филиповски.
Преку приказната за нивниот однос, режисерите создаваат интимен портрет на големата љубов, но и на брачниот живот исполнет со хумор, стравови и предизвици.
Шумовска и Енглерт посочуваат дека животната приказна на Фјодор и Ана на одреден начин ги потсетува на нивното сопствено уметничко патување и долгогодишната соработка.
„Иако веќе не сме во брак, како уметници, и покрај сите потешкотии и разлики во карактерите, продолжуваме да чекориме заедно, делејќи го истиот уметнички пат по толку години“, истакнува режисерското дуо.
Во главните улоги настапуваат Џони Флин и Ејми Лу Вуд, кои ги толкуваат ликовите на Фјодор и Ана. Со ова остварување ќе биде поставен уметничкиот и емотивниот тон на фестивалското издание, кое ќе понуди филмски проекции, средби со автори и разговори по проекциите.
Во рамките на програмата, Шумовска и Енглерт на 5 ноември ќе одржат мастерклас за младите филмски автори во Фестивалскиот центар во Младинскиот културен центар (МКЦ), со почеток во 14:30 часот. Тие ќе го споделат своето тридецениско професионално искуство и креативниот процес зад нивните филмови.
Скопје филм фестивал се одржува од 4 до 9 ноември.

Македонски




