Skip to main content

За Бугарија единствено решение за сите проблеми е Македонците ич да не постојат, вели Стојков

принтскрин Сител

За Бугарија единствено решение на спорот со Македонија би било воопшто да не постојат Македонци пред 45-та, да не постои македонско малцинство и да признаеме дека Македнците историски биле Бугари, рече денеска првиот човек на ОМО Илинден Пирин, проф. д-р Стојко Стојков по неговото пристапно предавање во МАНУ, каде од денеска е надворешен член. Според него со ваките ставови на официјална Софија тешко е да се дојде до било каков договор меѓу двете страни.

Нивната позиција е дека Македонците отсекогаш биле Бугари и може да бидат само Бугари, јазикот e бугарски, културата е бугарска, се е бугарско. Тие јасно изразија, тоа неколку претседатели на нивната држава по ред, дека Македонија може да влезе во Европа, но не и македонизмот, т.е. не идејата дека сме македонска нација. Така да позицијата е многу јасна и чиста, би можеле ако бидеме чесни, а не користиме половини дефиниции, да ја наречеме геноцидна, бидејќи она што сакаат тие едноставно, снемувањето на македонизмот како што тие го викаат, да ги снема сите потпори на македонскиот идентитет, и Македонците да престанат да постојат како нација, туку да се бугаризираат, изјави Стојков.

Стојков повика македонските власти да не дозволат политика на виткање кичма и да не се прават безкомпромисни отстапки.

Исто така, потенцираше дека и покрај засилениот мониторинг од Комитетот на министри врз Бугарија, бугарските власти одбиваат да ги спроведат пресудите, дециден е Стојков.

За изјавите на новата претседателка на Бугарија, Илијана Јотова дека е можно решавање на прашањата со ОМО Илинден Пирин, Стојков вели дека такво нешто е невозможно во моментов, бидејќи она што го сакаат Бугарите е случаите да се затворат без имплементација на пресудите кои Македонците ги добиле пред судот во Стразбур.

Македонците никогаш да немаат своја организација, да не можат на никој начин да се интегрираат во општеството, да се покажат пред општеството, да се покажат рамноправно во општествената дејност. Тоа е нивното разбирање за решавање, решавање е Македонците да ги нема, тие така го гледаат и македонското прашање, решението меѓу Македонија и Бугарија е Македонците да ги снема. Проблемот е што ние постоиме, тоа е проблемот, ние никогаш не сме и направиле ништо на Бугарија, ниту сме се обиделе да црпиме територии, едно џебно ножче не сме искорстиле никој пат и сепак сме етикетирани како терористи, како сепаратисти, како непријатели на државата, изјави Стојков.

Поврзани вести