Skip to main content

Отворено 34. издание на Интернационалниот фестивал на аматерскиот документарен филм „Камера 300“

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, го отвори 34-тото издание на Интернационалниот фестивал на аматерскиот документарен филм „Камера 300“, истакнувајќи го неговото значење за културниот живот на градот и за зачувувањето на наследството на браќата Манаки.

Во своето обраќање, Коњановски им честита на организаторите за придонесот во негувањето на делото на првите сниматели на Балканот. Тој оцени дека фестивалот претставува препознатливо културно обележје на Битола, со значење и надвор од државните граници.

Според него, посебноста на „Камера 300“ е во можноста обичните животни приказни, реалните настани и секојдневието да стигнат до публиката преку погледот на луѓето зад камерата.

„Уникатноста на овој фестивал е пренесувањето на големото платно на обичните приказни, реалните настани, погледот на секојдневието“, истакна Коњановски.

Гран-при наградата „Плакета Милтон Манаки“ за најдобар филм му беше врачена на авторот Марјан Стевановски за документарниот филм „Мојот син“.

На фестивалот беа доделени и златна, сребрена и бронзена „Камера 300“, плакети за најдобра камера, режија, монтажа, идеја и репортажа, како и сребрен медал на УНИКА. Доделени беа и специјални плакети за трајни вредности, креативен пристап и промотивен пристап во жанрот.