
На само неколку километри од Скопје се наоѓа локалитетот „Ограѓе“ во селото Орман, каде археолошките истражувања откриваат траги од живот стар околу 8.000 години. Најновите ископувања на Археолошкиот музеј открија фигурини со човечки и животински ликови, керамички садови, камени и коскени алатки, како и остатоци од огништа и отпадни јами.
Годинашните археолошки истражувања на неолитскиот локалитет „Ограѓе“ се успешно завршени, соопшти Националниот археолошки музеј. Стручниот тим работел северозападно од местото каде што во 2019 година Градскиот конзерваторски центар од Скопје, при заштитни ископувања, открил остатоци од куќи стари околу осум милениуми.
Новите откритија даваат дополнителни докази за секојдневниот живот на луѓето кои ја населувале оваа област во неолитот.
Меѓу најинтересните наоди се фигурините со човечки и животински ликови, кои сведочат за верувањата и уметничкото изразување на тогашните заедници.
Археолозите пронашле и керамички садови, како и камени и коскени алатки што се користеле во секојдневните активности, во кујните и работилниците. Остатоците од огништа и отпадни јами дополнително помагаат во реконструкцијата на начинот на кој живееле и функционирале првите жители на оваа населба.
Истражувањата ги спроведе екипа на Археолошкиот музеј, под раководство на м-р Буњамин Џемаили. Во стручниот тим учествувале и м-р Елена Стојанова Канзурова, д-р Перо Синадиновски, д-р Роберт Петковски, м-р Благоја Китановски и Јовица Ристов.
Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам и е дел од годишната програма за работа на Археолошкиот музеј.
Откритијата кај Орман се уште еден показател за богатото праисториско наследство на скопскиот регион, чии населби и остатоци од животот на древните заедници сè уште се предмет на археолошки истражувања.

Македонски


