Skip to main content

Спортски натпревари и симболично засадување дрво во Делчево на вториот ден од одбележувањето на Денот на европската соработка

Со спортски натпревари и симболично засадување дрво, во Делчево заврши одбележувањето на Денот на европската соработка и 36-годишнината од програмата Interreg.

Вториот ден од одбележувањето како што информираше градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски беше посветен на спортот, дружењето и промовирањето на прекуграничната соработка, како можност за поврзување на локалните заедници и создавање нови содржини за граѓаните, особено за младите.

Во рамките на денешните активности беше засадено симболично дрво, како знак на пријателството, партнерството и заедничката посветеност кон европската соработка. Активноста беше поврзана со проектот за изградба на скејт-паркот во Делчево, кој се реализира со финансиска поддршка од програмата „Interreg IPА“, истакна Гоцевски.

На настанот присуствуваше и градоначалникот на Општина Пехчево, Александар Китaнски, кој ја истакна важноста на прекуграничната соработка и можностите што ги отвораат европските програми за развој на општините.

Одбележувањето во Делчево беше можност да се потенцираат резултатите од долгогодишното партнерство меѓу Република Македонија и Република Бугарија, преку кое се реализирани бројни проекти во областа на инфраструктурата, економскиот развој, туризмот, спортот и подобрувањето на квалитетот на животот.

Со денешните спортски активности и симболичното засадување дрво заврши дводневната програма во Делчево, посветена на европската соработка, пријателството и заедничкиот развој на пограничните региони.

Настанот уште еднаш ја потврди улогата на програмата „Interreg IPA“ во поврзувањето на заедниците и претворањето на прекуграничното партнерство во конкретни придобивки за граѓаните.

Поврзани вести