Skip to main content

Во Скопје почнува 14. издание на симпозиумот за византиски и средновековни студии „Денови на Јустинијан I“

Пленарното предавање ќе го одржи проф. д-р Нора Беренд од Универзитетот во Кембриџ, на тема „Замислувајќи ги границите во средниот век“ (Imagining Borders in the Middle Ages).

На шесте научни сесии, што ќе се одржат денеска и утре во Музејот на македонската борба, свои трудови ќе презентираат истражувачи од универзитети и научни институции од повеќе од 15 земји. Широкиот тематски опфат и интердисциплинарниот пристап ја потврдуваат меѓународната препознатливост на симпозиумот и неговиот придонес во развојот на византиските и средновековните студии.

„Денови на Јустинијан I“ се афирмираа како меѓународен академски форум што обединува истражувачи и поттикнува научен дијалог за византиското и средновековното историско, културно и духовно наследство.

Значењето на симпозиумот се огледува и во градењето трајни академски и културни врски меѓу Македонија и Италија. Јустинијан I, родум од околината на Скопје, оставил значајно наследство во Италија, особено во Равена. Преку соработката меѓу Скопје, Болоња и Равена, симпозиумот го поврзува заедничкото историско наследство со современото академско партнерство и меѓународната културна соработка.

Симпозиумот традиционално се одржува со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам, како и со поддршка од Амбасадата на Италија, Музејот на македонската борба и Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

Извор: МИА

Поврзани вести