Skip to main content

Ревизија со позитивна оценка за трошењето на парите од унгарскиот кредит

Државниот завод за ревизија (ДЗР) изврши ревизија на усогласеност на тема „Кредитна линија за финансирање на инвестиции и развој на приватни трговски друштва со средства од Договорот за задолжување од Буџет на Република Македонија“ за одобрени кредити во период од јануари 2025 до февруари 2026 година.

Државниот завод за ревизија даде позитивна оценка за управувањето со 250 милиони евра од унгарскиот кредит, наменети за поддршка на домашните компании. Парите се дел од заемот што Владата го договори со Унгарија во 2024 година, со камата од 3,25 проценти, додека компаниите ги добиваат со повластена камата од 1,95 проценти.

Инаку оваа кредитна, воспоставена преку заедничка соработка на Владата, Министерството за финансии и Развојната банка на Македонија АД Скопје, се операционализира преку дванаесет комерцијални банки-учеснички.

Врз основа на обезбедените докази, добиено е разумно уверување за изразување на позитивен заклучок дека активностите на Развојната банка на Македонија АД Скопје, во однос на правната рамка и управувањето со средствата од оваа кредитна линија, се во согласност во сите материјални аспекти со применетата релевантна законска и подзаконска регулатива, интерни акти и договори.

Поддршката се доделува под поволни економски услови и тоа:
– максимален износ до 10 милиони евра по корисник;
– рок на отплата до 15 години со вклучен грејс период до 3 години;
– фиксна каматна стапка од 1,95%, без дополнителни надоместоци за одобрување и управување,
– со сопствено учество на компаниите од минимум 20% од вредноста на инвестицијата.

Во рамките на ревизијата, извршена е проверка на 123 развојни проекти со вредност од 7.334.103 илјади денари, што опфаќа 52% од вкупно повлечените средства до февруари 2026 година, кои изнесуваат 14.080.298 илјади денари. Инвестицискиот циклус продолжи со позитивна динамика и во периодот март-април 2026 година, кога се одобрени средства за нови 15 проекти во износ од 167.638 илјади денари.

Во структурата на одобрените 767 проекти со вкупен износ од 14.256.936 илјади денари, малите претпријатија ја предводат листата по масовност со одобрени 455 проекти (59% учество) во вредност од 3.565.574 илјади денари (25% финансиски удел).

Анализирано од вредносен аспект, најголем дел од одобрените средства е концентриран кај големите субјекти, каде за реализација на 94 проекти (12% од вкупниот број проекти) се одобрени кредити во износ од 4.720.384 илјади денари,
што претставува 33% процентуално учество во вкупната вредност.

Кај средните субјекти одобрени се 171 проект (22% учество) со финансиски износ од 4.606.378 илјади денари или 32% од вкупно одобрените средства, додека за микро субјектите се наменети 47 проекти со износ од 1.364.600 илјади денари, што зазема учество од 10% во вкупната структура.

Распределбата по дејности покажува силен развоен карактер, каде примарниот фокус е ставен на домашното производство со 281 одобрен проект во износ од 6.292.415 илјади денари, односно дури 44% од вкупната кредитна маса.

Секторот трговија апсорбирал 3.499.227 илјади денари преку 194 проекти односно (25%) од средствата, транспортот учествува со 129 проекти во вредност од 1.451.457 илјади денари односно (10%) од средствата, градежништвото со 63 проекти во вредност од 988.498 илјади денари односно (7%) од средствата, угостителството и хотелиерството со 37 проекти во износ од 852.327 илјади денари односно (6%) одсредствата, а за останатите економски дејности се евидентирани 63 проекти со вкупна вредност од 1.173.012 илјади денари односно (8%) од средствата.

Aнализирано според намената на инвестициите, компаниите покажале долгорочна развојна ориентација: најголем дел или 46% од средствата (6.624.874 илјади денари) се вложени во градежни објекти, 39% (5.478.364 илјади денари) се искористени за современа опрема, 11% (1.599.280 илјади денари) се насочени кон транзиција кон обновливи извори на енергија, а преостанатите 4% (545.418 илјади денари) се наменети за обнова на транспортни средства.

Поврзани вести