Skip to main content

Грција издаде највисоко предупредување во девет области поради поројни дождови

Девет региони во Грција се ставени под црвена тревога до 29 октомври поради влошување на временските услови и очекуваните обилни врнежи од дожд и бури. Одлуката ја донесе Генералниот секретаријат за цивилна заштита врз основа на предупредување од Националната метеоролошка служба и проценка од Комитетот за проценка на ризик, јави ЕРТ.

Предупредувањето ги опфаќа регионалните единици Евија, Фтиотида и Беотија во Централна Грција, Споради, Магнезија и Лариса во Тесалија, регионот Атика, Додеканските острови во Јужен Егеј и Северен Егеј.

За Атика и Северен Егеј, црвената тревога е прогласена како мерка на претпазливост.

Според Комитетот за проценка на ризик, денеска се очекуваат дожд и локални бури во источна и јужна Грција, особено во Евија, Магнезија и Северните Споради.

За утре се предвидува понатамошно влошување на времето, со поројни врнежи од дожд и бури во источна Тесалија, Северните Споради, источна Централна Грција, особено во Фтиотида и Беотија, како и во Евија и Скирос.

Вооружените сили, полицијата, крајбрежната стража и другите надлежни служби се исто така во состојба на готовност, додека регионите и општините се повикани да ја проверат својата подготвеност за реагирање.

Статусот „црвена тревога“ подразбира целосна мобилизација на Националниот механизам за цивилна заштита, ангажирање на потребните човечки ресурси и обезбедување соодветна опрема за реагирање на вонредни состојби и ублажување на последиците од катастрофите.

Цивилната заштита ги повика граѓаните да избегнуваат активности на отворено, особено во крајбрежните области за време на бури.

Поврзани вести