
Чувар на нашата природа, рече вечерва министерот за култура и туризам Седат Сулејмани, на Свечена академија по повод 100 години Природонаучен музеј, што се одржува во Македонскиот народен театар во Скопје и додаде дека културното и природното наследство не се одделни сфери, туку се две страни на истиот идентитет.
– Сто години постоење на институција, која истовремено е чувар на нашата природа, лабораторија на знаењето и простор во кој генерации млади луѓе ја откривале сложеноста и убавината на живиот свет околу себе – истакна тој во своето обраќање пред присутните.
Министерот потсети дека, основан во 1926 година на иницијатива на д-р Станко Караман, Природонаучниот музеј е најстарата биолошка установа во државата. Притоа посочи дека низ цел еден век, општествени пресврти и технолошки промени, музејот остана верен на својата мисија – да собира, проучува, чува и го претставува природното богатство на земјава.
Овој Музеј, рече, е училиште без ѕидови, место каде што децата првпат се среќаваат со ендемични видови, каде што младите научници учат да истражуваат, а граѓаните ја обновуваат свеста за кревкоста на природата.
– Во време кога биодиверзитетот е под постојани предизвици, значењето на една ваква институција станува уште поважно. Министерството за култура и туризам ја препознава неговата улога и затоа континуирано ја поддржува, а таа поддршка ќе продолжи и во иднина. Силно веруваме дека културното и природното наследство не се одделни сфери. Тие се две страни на истиот идентитет. Затоа вложуваме во модернизација, во дигитализација, во пристапност и во нови форми на презентација, за музејот да остане жив, привлечен и релевантен и во вториот век од своето постоење – додаде тој.
Сто години, рече, се долг пат. Но, тие се и своевиден почеток.
-Пред нас е задачата да ја пренесеме оваа институција на следната генерација уште посилна, поотворена и поспособна да одговори на предизвиците на новото време. Сосема на крај, дозволете ми да упатам искрена благодарност до сите кои го граделе, го чувале и го развиваат овој музеј. Во име на Министерството за култура и туризам и во мое лично име, ви посакувам уште многу децении плодна работа во служба на знаењето и во служба на природата. Нека е честит големиот јубилеј – порача министерот.
Ивица Заркадов, директор на Природонаучен музеј, појасни дека музејот чува околу 380.000 музејски предмети. Во нив се зачувани сведоштва за богатството на природата, но и за децениите истражувачка работа.
– Зад секој примерок стојат знаење, труд и трпение. Зад секоја збирка стојат луѓе кои разбрале дека природното наследство мора да се зачува за оние што доаѓаат по нас. Затоа, нашето најголемо богатство не се само колекциите, туку луѓето што ги создавале и чувале. Нашата одговорност денес, е да го продолжиме нивното дело – истакна директорот.
Тој нагласи дека целта е музејот да биде место во кое секоја генерација ќе пронајде нешто што ќе ја инспирира – знаење, откритие или желба да го зачува светот околу себе.
Директорот упати посебна благодарност до Министерството за култура и туризам и до Владата, за континуираната институционална и финансиска поддршка.
– Таа поддршка ни овозможува да ги развиваме збирките, да реализираме научни, издавачки и едукативни проекти и да ја остваруваме нашата мисија. Особено сме благодарни што и во годината на овој голем јубилеј ја поддржуваат модернизацијата на музејот и неговиот натамошен развој – посочи Заркадов.

Македонски

