Skip to main content

Конкурсот за наградата „Колега Стиков“ е продолжен до 31 октомври: Не бидете штурци, оти мравките ќе ве изедат!

Конкурсот за наградата „Колега Стиков“ за најдобра медиумска содржина изработена од ученици и средношколци посветена на македонската наука е продолжен до 31 октомври, информира проф. д-р Никола Стиков на социјалните мрежи.

Професорот Стиков е син на Александар Стиков, бардот на македонското спортско новинарство кој почина пред три години и во негова чест семејството Стикови и фондацијата „Кантарот“ ја востановија оваа награда која се доделува на конфренцијата „Наука за деца“ која оваа година ќе се одржи на 6 и 7 ноември во Скопје.

Учесниците треба да се на возраст до 18 години и да подготват оригинална мултимедијална содржина (видеорепортажа, интервју, поткаст, документарен прилог) со траење од најмногу 5 минути.

Пронајдете приказна што вреди да се раскаже: изум или откритие на научник од Македонија или родум од Македонија чија работа заслужува да биде позната, велат организаторите.

Материјалите треба да се пратат на е-адресата: [email protected] заедно со име и презиме, возраст, училиште, град и телефон за контакт. Рокот за пријавување е 31 октовмри.

Стручна комисија од истакнати новинари и научници ќе го избере најдобриот прилог. Победникот ќе добие 30,000 денари, како и можност за менторство и практично искуство со врвни професионалци.

Ставот на професорот Стиков ви го пренесуваме во целост.

Конкурсот Колега Стиков годинава беше посветен на македонската наука. Очекувавме децата да се инспирираат и да разговараат со научници родум од Македонија. Добивме само четири прилози.

Наградата „Колега Стиков“ ја востановивме во 2024 година со цел да го поттикнеме научното репортерство во Македонија. Сакаме да им дадеме шанса на младите да ја откриваат науката, да разговараат со научници и да раскажуваат приказни за откритија што заслужуваат да бидат слушнати. Првата година добивме десет новинарски прилози, а наградата ја добија близначките Љубица и Константина Андонови кои претставија уникатен концепт на паметни ролетни. Во 2025 година бројот порасна на петнаесет, а победникот беше Александар Муриќ кој направи феноменално видео за Алберт Ајнштајн.

Во исто време добивме неколку критики на социјални медиуми за тоа дека промовираме француска и холандска наука со нашите ликовни конкурси, а дека не ја славиме нашата. Бидејќи сме секогаш отворени за критика, решивме јубилејната петта конференција „Наука за деца“ да ја посветиме токму на македонската наука. Во тој дух, и повикот за наградата Колега Стиков требаше да ги поттикне младите да истражат што сѐ постигнале научниците од Македонија, да откријат приказни што не ги знаат и да ги претстават на начин што ќе ги заинтересира нивните врсници. Повикот имаше над 50,000 импресии на социјалните медиуми, беше споделен од стотици поединци и десетици портали.

Конкурсот се затвори неделава. Добивме само четири научни прилози.

Четири.

Не сакам да бидам неблагодарен кон оние кои се пријавија на конкурсот. Напротив, им благодарам што ја прифатија поканата и што вложија време и труд во своите приказни. Нивните прилози се важни, а нивниот интерес заслужува поддршка. Но зошто беше одѕивот најмал кога требаше да се промовира македонска наука? Зарем немаме ученик кој ќе направи интервју со научник родум од Македонија, или подкаст за македонски изум, или пак краток документарен прилог за научен настан во Македонија?

Бидејќи денешната технологија овозможува ваков прилог да се изработи за само неколку дена, решивме да го продолжиме конкурсот до крајот на месецот. Сакаме да им дадеме можност на што повеќе деца да ги откријат приказните на научниците родум од Македонија, а со јубилејната петта НЗД конференција и самите ќе придонесеме овие приказни да стигнат до пошироката јавност. На 6 ноември, нашите стипендисти ќе ги претстават истражувањата на четворица извонредни македонски научници, кои истовремено беа и нивни ментори: Светлана Мојсов, Петар Поповски, Панче Наумов и Христијан Ѓорески.

Но македонската наука не завршува со нив. Што е со Кимет Јусуфи, Сашо Џеровски, Ферид Мурад…? Што е со десетиците други македонски научници чии откритија, пронајдоци и животни патишта можат да послужат како инспирација за младите? Колку наставници им ги раскажуваат тие приказни, колку новинари ги истражуваат и колку од нас воопшто знаат дека такви приказни постојат?

Лесно е да се каже дека во Македонија не се цени науката, дека нема доволно пари, дека институциите не функционираат, дека медиумите се занимаваат со погрешни теми. Сето тоа е точно, но не можеме да очекуваме светот да ги препознае нашите научници ако ние самите не ги познаваме. Ниту пак да се жалиме дека младите немаат идоли ако не им ги покажуваме луѓето на кои можат да се угледаат.

На петтата конференција на „Наука за деца“ нашите стипендисти ќе раскажат четири приказни за македонската наука, а ќе направиме и колаж од сите прилози поднесени за наградата Колега Стиков. Се надевам дека приказните ќе стигнат до најмладите, а ќе бидам најсреќен ако дел од тие што ги слушнале решат да раскажат уште една приказна за наш успешен научник. Да не чекаме некој друг да го направи тоа.

Не бидете штурци, оти мравките ќе ве изедат!

Награда „Колега Стиков“ за научно репортерство

НАУКА ЗА ДЕЦА, Фондација КАНТАРОТ и семејството Стикови по третпат ја распишуваат наградата „Колега Стиков“, во чест на доајенот на македонското спортско новинарство и еден од најпрепознатливите радио-гласови во нашата историја.

Сакаме да го слушнеме вашиот глас како млади научни репортери!

Темата на овогодишниот конкурс е македонската наука. Пронајдете приказна што вреди да се раскаже: изум или откритие на научник родум од Македонија чија работа заслужува да биде позната.

Кој може да учествува?

Сите ученици и млади на возраст до 18 години.

Што треба да направите?

Подгответе оригинална мултимедијална содржина, не подолга од пет минути. На пример:

  • Видео-репортажа за македонски научен изум или откритие;
  • Интервју со научник родум од Македонија;
  • Подкаст за македонски научник и неговата работа;
  • Краток документарен прилог за научен настан во Македонија;

Откријте ја приказната зад науката: кој ја создал, како се родила идејата и зошто светот треба да ја слушне!

Што добива победникот?

Стручна комисија од истакнати новинари и научници ќе го избере најдобриот прилог. Победникот ќе добие 30,000 денари, како и можност за менторство и практично искуство со врвни професионалци!

Како да се пријавите?

Испратете го вашиот прилог на: [email protected]

Со податоци: име и презиме, возраст, училиште, град и телефон за контакт.

Рок за пријавување: 31.10.2026

Поврзани вести